Македонија
Новогодишно обраќање на Црвенковски: Народот е посилен од власта!
Претседателот на опозициската СДСМ, по повод новогодишните празници денеска се обрати до македонските граѓани.
Претседателот на опозициската СДСМ, по повод новогодишните празници денеска се обрати до македонските граѓани.„Зад нас е уште една тешка година. Година во која многумина од вас моравте да водите секојдневна битка со немаштијата, со ниските плати и пензии и со се поскапата живеачка. Сиромаштијата и невработеноста достигна рекордно ниво. Ветувањата за нови инвестиции, нови фирми и фабрики, нови работни места и оваа година не се остварија.Македонија стана држава во која владее стравот. Секој се плаши од некого, а сите заедно од власта.Административците се плашат да не го изгубат работното место, работниците од сопствениците, бизнисмените од инспекциите, земјоделците да не им ги одземат субвенциите. Дури и оние најсиромашните се плашат да не им ја укинат социјалната помош. Луѓето стравуваат гласно да зборуваат.Во земја во која владее стравот нема слобода, нема демократија, нема правда.Оваа година пресметката со сите политички неистомисленици и критичари на власта поприми најсурова форма.Луѓето јавно се жигосуваат, се лустрираат, се затвараат во монтирани судски процеси.Сите околу нас во регионот направија голем исчекор во интеграциите кон НАТО и ЕУ .Само ние сме таму каде што бевме и пред 5 години. За светот Македонија стана заборавена земја.Се наоѓаме на само неколку дена пред Новогодишните и Божиќните празници. Ова е период во кој вообичаено си посакуваме среќа и изразуваме надеж дека работите ќе тргнат кон подобро.Но дали е доволно да чекаме среќата сама да ни дојде. Дали е доволно да се надеваме дека добрите работи ќе се случат сами од себе.Проблемите во кои живееме не се наша судбина од која нема бегање. Се може да биде поинаку. Се може да биде подобро. Силата и моќта да се сменат работите се во ваши раце. Ова е ваша земја. Вие, и никој друг одлучувате каков живот ќе живеете.Првиот и најважен чекор е да се охрабрите, да проговорите, да им се спротивставите на лагите со кои не бомбардираат секој ден.Да кажеме стоп за неправдите што ви се случуваат, за заканите и притисоците што ви се упатуваат, за расипничкото и криминално трошење на вашите пари.Да покажеме сите заедно дека вистината е посилна од лагата, дека чесноста е посилна од арамилакот,дека слободата е посилна од стравот.Да покажеме и докажеме дека народот е посилен од власта!Ние, членовите на Социјалдемократскиот сојуз, ќе бидеме секогаш со вас.Ние сме наполно свесни која е и колкава е нашата одговорност во овие тешки времиња. И бидете сигурни, нашата обврска и долг кон вас во целост ќе ги исполниме“, се вели во новогодишното обраќање на Црвенковски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

