Македонија
Новогодишно обраќање на Груевски: Годината 2011 беше успешна
Премиерот на Македонија, Никола Груевски во своето обраќање по повод новогодишните празници, ја оценува изминатата година како успешна година за македонските граѓани, им се заблагодарува за дадената доверба.
Премиерот на Македонија, Никола Груевски во своето обраќање по повод новогодишните празници, ја оценува изминатата година како успешна година за македонските граѓани, им се заблагодарува за дадената доверба.
„За мене, и за министрите од владата обврската која сме ја презеле кон вас е светост, и од неа нема отстапување. Зборот е даден, а образот мора да остане чист, и утре кога ќе се видиме на улица треба да можеме да Ве погледнеме достоинствено во очи, со чиста совест дека сме го дале нашиот максимум. Затоа и некогаш ако погрешиме, имаме доблест да се извиниме и да се коригираме, затоа што кој работи некогаш и греши, само важно е грешките да не се стратешки и ненадоместливи. А најбитно од се е да се вложува труд и да не се обесхрабруваме, туку да нè води идејата дека само со залагање може да одиме напред“ вели Груевски во своето видео – обраќање.
Тој ја истакнува посветеноста на Владата да направи добри работи за сите граѓани, без разлика на нивната политичка припадност, односно и за оние кои ги поддржуваат, но и за оние кои поддржуваат други политички опции.
„2011 година, и покрај сите предизвици кои ги надминавме беше успешна година, и сите ние граѓаните на Република Македонија треба да сме горди на тоа, затоа што ние тоа го заслуживме и ние тоа го одработивме, со сопствени сили и потенцијал, со верба во самите нас и во нашите квалитети. И затоа добивме трет позитивен извештај на Европската комисија и трета по ред препорака за почеток на преговори со европската Унија, на листата на Дуинг бизнис на Светската банка сме 3 најдобар реформатор а на генералната листа не сместија меѓу дваесетината најдобри дестинации на светот според поволните услови за правење бизнис, кредитните агенции го потврдија нашиот добар кредитен рејтинг, а ММФ ги пофали нашите економски политики, а посебно ниската задолженост во овие тешки денови на должничка криза во Европа. Заради доброто на граѓаните, и со Ваша помош и поддршка, ги намаливме даноците и царините, ги поевтинивме услугите, изградивме нови објекти, определивме минимална плата, градиме станови за лица со социјален ризик, и ќе даваме државна парична помош за купување стан или куќа, а и многу други проекти, кои се од Вас и за Вас. И затоа продолжуваме со развој на македонското мултиетничко општество на еднакви граѓани со еднакви можности.
И во следната година ќе продолжиме да чекориме по патот на интеграцијата во НАТО и ЕУ, со волја и посветеност за надминување на блокадите, за отвореност за заеднички исчекор на регионот кон интеграциите. За таа цел силен придонес и улога, и нова позитивна правна и политичка аргументација ќе даде и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која е позитивна за Македонија, и која е триумф на правдата и владеењето на правото, и ја гледаме како средство за постигнување на поголема блискост со нашите партнери, соседи и асоцијации и остварување на нашите стратешки цели и заеднички вредности.
Сакам да ве уверам дека со секој атом од својата сила, работиме и ќе продолжиме да работиме на остварување на нашата програма и на реализација на проектите кои ќе донесат нов квалитет во животот, и во имиџот на Македонија. И кога има добри и кога има помалку добри работи, ние сме со Вас и ќе останеме со Вас, затоа што заеднички можеме многу повеќе отколку самите.
Бидете убедени во сопствените можности, и имајте силна верба во себеси и во вашите блиски. Македонија отсекогаш имала и паметни, и трудољубиви, и чесни, искрени, вредни граѓани, луѓе домаќини еснафи. Ние отсекогаш сме знаеле да живееме во слога, со соработка како пријатели. И секогаш стремете се кон високите дела, базирани на системот на вредности, тоа треба да е нашиот репер, натпревар во позитивното, во достигнувањата и во придонесот.
И верувајте дека и јас и министрите со сета своја сила ќе работиме за Вас и за Вашите семејства, и по секоја цена ќе се трудиме да создадеме нови позитивни дела, за да ги задоволиме Вашите интереси и да ја оправдаме Вашата несебична поддршка и разбирање. Се разбира, не можеме да ги решиме сите проблеми, но ќе дадеме максимум од себе да решиме колку е можно повеќе од нив. И уште еднаш да ја искажам нашата огромна благодарност и почит за Вашата доверба кон нас, и посветеноста на реализацијата на заедничкиот напредок на Република Македонија.
Во новата 2012 година Ви посакувам пред се добро здравје, пријатна домашна атмосфера и семејна среќа, лична хармонија на чувствата и идеите, благосостојба и бериќет за секој од Вас. Посакувам понатамошен економски раст и развој и подобрување на стандардот на секој граѓанин, и остварување на стратешките цели на државата. Радоста и среќата нека Ви бидат најголеми придружници во годината што следи.
Да сте здрави и живи, нека оди работата, и имајте многу пријатни моменти“ вели Груевски во новогодишното обраќање. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.

