Македонија
Вкупно 164 амандмани за предлог-резолуцијата на Хауит
Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент денеска расправа за амандманите по предлог резолуцијата за напредокот на Македонија.
Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент денеска расправа за амандманите по предлог резолуцијата за напредокот на Македонија.
За предложената резолуцијата за напредокот на Македонија, изработена од британскиот европратеник Ричард Хауит, европратениците предложија 164 амандмани за промена на првобитниот текст.
Во текот на денот, како што јавува Дојче Веле на македонски јазик, европратениците од парламентарната комисија ќе се обидат да пронајдат компромисни амандмани на предлог-резолуцијата, за која ќе расправаат доцна попладнево.
Европратениците, сепак, без разлика која верзија ќе ја усвојат се очекува уште еднаш да испратат повик до Советот на ЕУ за започнување на преговорите како и на пред-скрининг процесот на хармонизација на законодавството на земјата со придобивките на ЕУ, како и за спроведување на втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. За ова постои широко мнозинство и поддршка не само во Комисијата, туку и во целокупниот Европски парламент.
Британецот Чарлс Танок смета дека „кредибилноста на процесот на проширување на ЕУ, ќе биде компромитирана од постојаното одложување на преговорите за членство“. Додека Мариа Елени Копа, го поддржува тоа, но подвлекува дека е потребно истовремено да се изнајде заедничко прифатливо решение за името.
Во тој контекст поднесувачот на резолуцијата, Хауит ја надополнува истата и бара Советот на ЕУ во март, а НАТО на самитот во Чикаго во мај, да ја искористат можноста која им се пружа за да и дозволат на земјата да направи нов напредок во евро-атлантските процеси. Постојат и повеќе амандмани околу тоа како да се формулира ставот на ЕП по одлуката на судот од Хаг.
Во предложените амандмани на Марије Корнелисен и Улрике Луначек од групата на Зелените и Европската слободна алијанса, се поздравува предлогот на грчката влада за сложено име и веруваат дека „тоа е основа за решение на проблемот со името, но под услов македонскиот идентитет, култура, националност и јазик да не бидат ставени во прашање.“ Тие на неколку пати се служат со придавката македонски, додека нивниот колега – социјалист од Шведска, Горан Фарм и во еден амандман Ана Ибрисагиќ, Моника Маковеј, Дан Преда и Едуар Кукан го употребуваат само името Македонија.
Горан Фарм во своите амандмани покажува дека се интересира за положбата на жената во Македонија и за синдикалните слободи.
Јелко Кацин и уште неколку други европратеници предлагаат измени на резолуцијата во делот за слободата на печатот.
Андреј Ковачев и Мариета Јанаку, на кои им се приклучува и Ѓорги Шопфлин од Унгарија, бараат „добрососедските односи да бидат суштински елемент во процесот на проширувањето“. Тие ја подвлекуваат и важноста на потезите за да се избегнат контроверзни акции и изјави кои ќе имаат негативни последици врз нив.
Ковачев „жали што не може слободно да се изрази бугарскиот идентитет во Македонија, и е разочаран што не е направено ништо за заедничко одбележување на заеднички историски настани и личности со соседите членки на ЕУ“. Тој го охрабрува создавањето на мешани комисии за изучување на историјата исто како неговиот сонародник Евгени Кирилов. Ова според нив е „во духот на добрососедството и со признавање на процесот на создавање на македонскиот идентитет“. Барања и ставови веќе видени во претходните резолуции на ЕП, но кои не беа ставени во текстот на Хауит.
Многу од предложените амандмани се однесуваат на формулацијата „билатералните проблеми“ да не бидат пречка во процесот на зачленување во ЕУ, ниту да служат за негово блокирање, а грчката европратеничка Мариета Јанаку, на пример бара бришење на овој параграф.
Истовремено, додека европратениците ќе расправаат за изгледот на резолуцијата за напредокот на Македонија, за кој ќе се расправа во февруари или во март на пленарна сесија, во Брисел се состанува и Советот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со ЕУ. /крај/dw/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

