Македонија
Јанкулоска: И Македонија се соочува со нагорен тренд на мигранти од странство
Македонија донесе неколку стратешки документи, со кои настојува на системски начин да се придружи во процесот на запирање на миграцијата, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска
Македонија донесе неколку стратешки документи, со кои настојува на системски начин да се придружи во процесот на запирање на миграцијата, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на Неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ, што под покровителство на данското претседателство во четврток и петок се одржува во Копенхаген.„Република Македонија, како и повеќето европски земји, е изложена на растечка миграција во рамките на процесите на глобализација. Со оглед на значењето на миграционите текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој, Република Македонија донесе неколку стратешки документи (Резолуција на миграционата политика), со кои настојува на еден системски начин да се вклучи во процесот на изнаоѓање одговор на Европскиот глобален пристап кон прашањето на меѓународната миграција“, истакна меѓу другото министерката Гордана Јанкулоска Говорејќи околу миграциските текови, трендови и системски мерки околу миграциската политика, Јанкулоска потенцирајќи ја искрената заложба и цврстата увереност на Република Македонија за заедничка соработка во сите сегменти на меѓународната миграција, нагласи дека и Република Македонија со соочува со нагорниот тренд на миграционите токови особено на мигранти од Азија и Африка. Министерката Јанкулоска, исто така, направи осврт и на проблемот на злоупотреба на визната либерализација како уште еден миграциски феномен, околу чие превенирање и сузбивање, Република Македонија континуирано работи во соработка со своите партнери од ЕУ. „За жал, анализата на наведената појава покажува дека во најголем број случаи, истовремено се злоупотребува и важечкото законодавство и постапките за азил во определени земји членки на ЕУ, при што материјалните и сместувачките капацитети и можности претставуваат своевиден поттик за поднесување на неосновани барања за азил“, истакна Јанкулоска./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

