Македонија
Почина доајенот на македонската фотографија Благој Дрнков
Доајенот и ненадминатиот мајстор на фотографијата во Македонија, Благој Дрнков почина вчера на 98 годишна возраст во родниот град Скопје.
Доајенот и ненадминатиот мајстор на фотографијата во Македонија, Благој Дрнков почина вчера на 98 годишна возраст во родниот град Скопје.Како неуморен истражувач и документарист на македонската традиција, уметност и култура во своето богато фотографско творештво посветено на уметничката фотографија и создавано во текот на целиот свој животен век, Благој Дрнков изгради една ретка, трајна, ненадминлива и вечна фотографска колекција на Македонија. Користејќи го првиот свој фотографски апарат „цајсикон 912“, па сè до последните дигитални апарати „Канон“ и „Никон“, тој ги овековечи скоро сите случувања, обичаи, занаети, уметнички дела, икони, објекти и предели на Македонија и создаде од нив лесно пренослива визуелна слика и имиџ на Македонија. Тоа е неговата Македонија „заробена“ во мигот кога неговото око и неговиот објектив оцениле дека во тој миг тоа е тоа – чувството, окото и мајсторството на владеењето на занаетот преку кои се пренесеува она што треба да се види и она што треба да остане како трајен спомен и вредност. Со фотографија започнува да се занимава уште како ученик, кога по завршување на средното образование, се вработува во фотографскиот дуќан „Фотоаматер“, кога и ја купува својата прва филмска 9,5 мм камера и сопствен кинопроектор, а од 1938 година станува и сопственик на „Фотоаматер“. Во текот на својата кариера, тој бил директор на Филмската дирекција на Македонија (ФИДИМА) и прв филмски дописник и снимател за „Филмске новости“ од Македонија. Целиот животен, фотографски и филмски опус на Дрнков е една голема приказна за Македонија, во главно од 1940 година до почетокот на 21 век. Започнувајќи од неговиот прв филм „Борба на петли“ (1935) па сè до последниот, и огромната колекција на фотографии се историски сведок и слика на Македонија. Како за пример неговите фотографии „Македонец“ и „Бишка“ (Македонски голф) го обиколија светот и ја доближија Македонија до него.бардот на македонската фотографија е добитник на повеќе награди меѓу кои наградата „11 Октомври“ за животно дело во полето на филмот и фотографијата, награда за животно дело од Друштвото на ликовни уметници за применета уметност на Македонија, во 1975 година, Медал за заслуги за Македонија во 2008 година и титулата „Зограф на културата на РМ“, додеделено од Министерството за култура во 2011 година.Дрнков е единствен македонски автор чие творештво е одбележано 1985 година, во Интернационалната енциклопедија на фотографи (Photographes encyclopedia international: 1839 to present), објавена во Швајцарија и во која се застапени најпознатите фотографи во светот од почетоците на фотографијата до денес. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

