Македонија
Изменет обвинителниот акт за несреќата кај Пливалиште
Јавното обвинителство пред почетокот на повторениот судски процес за трагичната несреќа што пред речиси една и пол година се случи на шанк во комплексот „Пливалиште“ во која лани загинаа тројца стружани, го измени
Јавното обвинителство пред почетокот на повторениот судски процес за трагичната несреќа што пред речиси една и пол година се случи на шанк во комплексот „Пливалиште“ во која лани загинаа тројца стружани, го измени обвинителниот акт, поради што процесот беше одново одложен, со цел одбраната да може соодветно да се подготви, јавува Ohridnews.
Обвинетите Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески нема да одговараат како соучесници, туку ќе се утврдува одговорноста на секој од нив поединечно за кривичното дело за кое се товарат „предизвикување тешки дела против општата безбедност.
Адвокатот на одбраната, Ставре Џиков смета дека е извршена важна промена во квалификацијата од обвинителниот акт и очекува дека судскиот процес ќе биде правичен со цел да се утврди вистината за немилиот настан.
„Сите оние докази кои беа изведени, а судот не ги зеде во вид во претходната постапка очекуваме да бидат разгледани, а одбраната исто така бараше и реконструкција на настанот, но ќе видиме сега во понатамошната постапка како судот ќе ги изведува овие докази“, изјави адвокатот Џиков.
Неговиот колега, Димитрија Цобоски смета дека обвинителството во оваа фаза од процесот не може да врши измени на обвинителниот акт.
„Согласно законот за кривична постапка измена, или дополнување на обвинителен акт може да има откако во текот на постапката ќе бидат изведени доказите. Ние имаме ситуација кога од страна на Апелациониот суд во Битола е укината првостепената пресуда и главниот претрес почнува одново, и на самиот почеток на главниот претрес кога имаме обвинителен акт кој е на правна сила без да се изведе било каков доказ се врши измена на обвинителниот акт“, истакна Цобоски.
Овој судски предмет беше вратен на повторно судење откако Апелацискиот суд во Битола ја укина претходната пресудата и ја уважи жалбата на бранителите на обвинетите.
Според решението на Апелациониот суд во Битола, првостепениот суд недоволно ја утврдил фактичката положба, а немало ниту образложение какви дејствија поединечно презеле обвинетите Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески. Во обновената постапка првостепениот суд ќе мора да изведе дополнителни докази при донесувањето на пресудата. Тројцата беа прогласени за виновни за тешки дела против општата безбедност. Вранишковски доби казна од четири години затвор, Јанески беше осуден на три години и четири месеци затвор, а Миладиновски доби тригодишна затворска казна.
Во несреќата што се случи на 11 септември 2010 година настрадаа тројцата долгогодишни пријатели, лекарите Јосиф Докоски (56) и Киро Ѓоргоноски (57), како и Јоско Кувенџиески (48)./крај/ох
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

