Македонија
Иванов: НАТО во Чикаго да ја земе в предвид хашката пресуда
Барање за поддршка за прием на Македонија во алијансата на самитот во Чикаго преку писмо упати претседателот Ѓорге Иванов до претседателите на државите-членки на НАТО.
Барање за поддршка за прием на Македонија во алијансата на самитот во Чикаго преку писмо упати претседателот Ѓорге Иванов до претседателите на државите-членки на НАТО.Како главен аргумент за членство на Македонија во алијансата Иванов ја наведува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за која претседателот посочува дека утврдила прекршување на превземените обврски од Грција со Времената спогодба. Укажува дека евентуална натамошна блокада од Грција ќе значи и непочитување на пресудата на судот, но и на меѓународното право.„Натамошни чекори од страна на Грција да го блокира нашето членство условено со едно билатерално прашање, со решавање на прашањето околу името како предуслов за членство во НАТО, ќе значи непочитување на пресудата на МСП и повторно прекршување на Времената спогодба и на меѓународното право. Очекуваме одговорен пристап од нашиот сосед“, се вели во писмото.Иванов на своите колеги од НАТО-земјите им укажува дека Македонија никогаш не го прекршила принципот на добрососедски односи, за што како аргумент повторно ја наведува хашката пресуда. „Би сакал да истакнам дека грчките тврдења дека Република Македонија ја прекршила Времената спогодба и дека не преговарала во добра волја, МСП ги отфрли како неосновани и најде дека Република Македонија никогаш не го прекршила принципот на добрососедски односи со Грција. Понатаму, би сакал да истакнам дека Република Македонија останува силно посветена на изнаоѓање заемно прифатливо решение за разликата околу името. Ве уверувам дека, како и досега, ќе продолжиме, со добра волја и конструктивно, да учествуваме во разговорите кои се одвиваат под покровителство на ОН“, вели Иванов во писмото.„Пресудата нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Во светло на пресудата, очекуваме земјите-членки на НАТО да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО, односно, очекуваме во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт“, објаснува претседателот Иванов. Како дополнителен аргумент, Иванов го наведува и учеството на Македонија во мировната мисија ИСАФ во Авганистан и придонесот на македонските војници рамо до рамо со своите колеги од НАТО-земјите, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет, но и ризикот што таквиот ангажман го носи. „Имајќи предвид дека Република Македонија континуирано ја одржува компатибилноста со НАТО стандардите, верувам дека заклучокот на Самитот во Чикаго ќе ја има предвид оваа, но и новонастаната состојба со пресудата“, смета Иванов. Верува дека поддршката од шефовите на државите-членки на НАТО ќе придонесе за поместување на статус кво ситуацијата и ќе го охрабри грчкото лидерство за почитување на пресудата на МСП.„Силно верувам дека сите ќе имаат бенефит од членството на Република Македонија во НАТО. НАТО, како организација ќе ја прошири и зајакне зоната на безбедност, стабилност и демократија во Југоисточна Европа. Ќе ја охрабри, не само Република Македонија, туку сите земји од нашиот регион да продолжат по патот на реформите. Но, пред сè, бенефит ќе има Грција со тоа што, на својата северна граница ќе добие уште една земја-членка на НАТО. Членството во НАТО секогаш давало поволни услови за надминување на билатералните разлики меѓу земјите-членки. Ќе биде многу полесно за Република Македонија и за Грција, како меѓузависни НАТО партнери и сојузници, да дојдат до заемно прифатливо решение за разликата“, вели Иванов. „Нашите очекувања од Самитот во Чикаго се јасни и разумни. Очекуваме членките да постигнат консензус за ефектуирање на одложената покана за Република Македонија за членство во НАТО под привремената референца од ОН. Ние имаме право на тоа, и нашите граѓани со право тоа го очекуваат, а веќе во Чикаго може да биде исправена неправдата од Букурешт“, вели Иванов во писмото испратено до претседателите на земјите-членки на НАТО. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

