Македонија
Нови инциденти во автобуси – давен возач на ЈСП, повредени девојки
Со најтешки повреди завршил возачот кој бил задржан во болница. Момчињата кои го нападале се обиделе да го задават.
За неколку часа во Скопје се случија два нови тешки инцидента во автобусите на ЈСП. Момчиња нападнале млади луѓе и возач на автобус. Со најтешки повреди завршил возачот кој бил задржан во болница. Момчињата кои го нападале се обиделе да го задават. Првиот инцидент се случил во средата навечер околу 20 часот на автобуска постојка во населбата Кисела Вода. Додека стоел автобусот со број 58 упаднале неколкумина машки лица облечени со дуксери и префрлени капи на главите. Почнале да дивеат во автобусот и како што соопшти полицијата без повод или причина натепале две лица од село Чифлик и едно од Сопиште. Повредените од Чифлик се машко и девојче на 18-годишна возраст како и жена од Сопиште. Насилниците искршиле стакло од автобус и побегнале. По неколку часа се случило големо насилство, исто така, во автобус на ЈСП. На автобуска постојка на улица „Цветан Димов“ спроти трговскиот Чаирчанка, десетина млади упаднале во автобус со број 57. Внатре биле момче и девојка. Насилниците се нафрлиле врз момчето и се обиделе да го истргаат од автобусот надвор на постојката. Во тоа за среќа не успеале а во меѓувреме возачот на автобусот почнал да вози. Дрските насилници не се откажале и сите десетина трчале по автобусот до следната постојка. Тука повторно упаднале и почнале да кршат. Еден од нив му се нафрлил на возачот и со двете раце се обидел да го задави. По неколку минути дивеење и кршење на автобусот напаѓачите побегнале, а возачот и патниците биле однесени во болница. Поради сериозните повреди возачот е задржан на лекување, а другите се пуштени на домашна нега. Полицијата трага по дрските насилници кои напаѓаат по автобуси и најавува дека брзо ќе бидат пронајдени и случаите ќе бидат расчистени./крај/мф/км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

