Македонија
Пратениците побараа МВР да ги расветли инцидентите- МВР има осомничени
И власта и опозицијата го повикаа министерството за внатрешни работи да ги расчисти последните инциденти коишто се случија во автобусите на ЈСП, кога десетина патници беа повредени.
И власта и опозицијата го повикаа министерството за внатрешни работи да ги расчисти последните инциденти коишто се случија во автобусите на ЈСП, кога десетина патници беа повредени.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска која учествуваше на вонредната седница на Комитетот за односи на заедниците рече дека МВР веќе има лица кои се под сомнение дека се учесници во тепачките, односно предизвикувачи на насилствата.
„Веруваме дека во текот на денот ќе заврши правната процедура во смисла на нивно препознавање од страна на оштетените. Тогаш МВР ќе биде во можност кривичната пријава за насилство да ја поднесе до Основното јавно обвинителство и предметот да биде предаден на други институции за да може во една правна процедура овие случаи да добијат своја завршница“, рече Јанкулоска.
Најжестоки во денешната дебата беа членовите на Комитетот од опозициската Демократска партија на Албанците кои ја обвинија власта дека таа е инспиратор на овие насилства. По долгите говори на членовите на ДПА, тие ја напуштија седницата поради како што рекоа несериозната дебата која се водела.
„Ние сме длабоко убедени дека главни инспиратор е владејачката коалиција која ги поттикнува ваквите насилства“ рече Орхан Ибраими од ДПА кој рече дека и до ден денеска МВР не расчистило инциденти во коишто биле убиени Албанци.
Побараа ДУИ да излезе од како што ја нарекоа антиалбанската влада и дозволиле „линчување“ на Албанците.
Испровоцирана од говорот на Ибраими, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева му порача дека задача на политичарите е да ги осудат хулиганите и да му дадат силна поддршка на МВР да ги расветли инцидентите и да ги охрабрат нападнатите да кажат кој ги нападнал и насилниците да одговорат согласно законите.
„Сите овде сме родители и имаме деца. Секој од нас треба да се стави во кожата на родителите на нападнатите деца. А нападнатите млади луѓе не беа само Албанци, беа и Македонци и припадници на други етнички заедници“ рече Бонева.
Џевад Адеми од ДУИ и порача на министерката за внатрешни работи дека довербата кон МВР е разнишана и дека ако не ги расветлат инцидентите одговорноста ја преземаат врз себе.
„МВР итно без ниту едно објаснување треба да ги открие злосторниците, бидејќи довербата на граѓаните во МВР се разнишува“ вели Адеми и додаде дека насилниците, криминалците немаат ниту етничка, ниту политичка припадност.
И опозициската СДСМ го повика министерството за внатрешни работи да ги расветли инцидентите.
„Повторно некој сака да го врати неспокојот кај граѓаните. Неспокојот не само за Албанците, туку и за Македонците и за другите етнички заедници. Сите институции треба да презема одговорност и претседателот и Владата и сите граѓани.“ рече Оливер Спасовски од СДСМ кој додаде дека ако имало разрешница за минатите инциденти немало да дојде до овие новите инциденти.
Во средата вечерта и во четвртокот наутро се случија три инциденти во автобусите на ЈСП со број 57,58 и 65 во населбите, Кисела Вода, Чаир и на Бит Пазар.
Во сите три напади поголема група млади луѓе влегувале во автобусите на некоја постојка и ги тепале патниците, но и возачите на автобусите.
Јанкулоска пред Комитетот дека од почетокот на годинава во земјава, без последните три инциденти, се случиле 25 инциденти и оти биле нападнати 40 лица припадници на сите етнички заедници. Триесет и осум од нив биле повредени, петмина се задржани на болничко лекување, а двајца се здобиле со убодни рани. Десет од овие инциденти во коишто биле вклучени најчесто млади луѓе се случиле во автобуси на ЈСП, а 10 во близина на училишта./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

