Македонија
Попоски: Проширувањето останува во доменот на данското претседателство

Проширувањето на Европската Унија останува во доменот на шестмесечното данско претседателство, му било пренесено на шефот на дипломатијата Никола Попоски на средбата со данскиот министер за европски прашања Николаи Вамен во Копенхаген.
„Проширувањето ќе остане во доменот на активностите на данското претседателство. Она што досега беше преземено од наша страна е поздравено. Се надеваме дека ќе постигнеме и напредок кон дефинитивно отпочнување на преговорите со Европската унија“, изјави Попоски.
Посочи дека приоритет за Македонија останува отварањето на пристапните преговори.
„Она на што посветено ќе работиме е да го скратиме максимално периодот којшто ќе ни биде потребен за официјалните преговори со ЕУ. Мислам дека тука се идентификуваме со интересите како на Данското претседателство, така и на Европската комисија. Во тој поглед Данска ги изрази очекувања дека ќе биде инволвирана и ќе го поддржува процесот на проширување на нашиот регион и по завршување на нејзиното претседателство и заедно ќе работи во рамки на триото за претседавање со ЕУ“, рече Попоски.
„Сметаме дека е исклучително значајно да ја задржиме методологијата која била применета во сите претходни проширувања. Република Македонија сака да се види како дел од семејството час поскоро. Од тој аспект ги делиме истите цели со Данското претседателство и климата која би се креирала во рамки на сите земји членки сигурно би требало да придонесува во правец на надминување на билатералните спорови во текот на пристапувањето. Мислам дека во тој поглед имаме презентирано многу аргументи дека статусот на Република Македонија без отпочнати преговори не овозможува да се промовира кредибилитетот на овој процес“, изјави Попоски.
Во рамки на престојот во Данска предвидени се и средби со поранешниот министер за надворешни работи Уфе Елеман Јенсен, државниот секретар во данското МНР, Микаел Зилмер – Јонс, директорот на данското друштво за надворешна политика Клаус Карстен Педерсен и со директорот на данското европско движење Ерик Боел.
Попоски во данскиот парламент ќе присуствува на конференцијата „Европските перспективи на Македонија“, а во Копенхашкиот универзитет ќе ја отвори конференцијата за франкофонијата. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денеска до вторник топлотен бран во Македонија, се активираат препораките за заштита на населението

Министерството за здравство ја информира јавноста дека согласно прогнозите од УХМР и врз основа на акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025–2030 година, почнувајќи од денеска (петок, 4 јули) се активира фаза 3, што ќе трае до 08 јули, вторник.
На предлог на Министерството, Владата ги донесе следните препораки:
– Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
-Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
-Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
-Активирање на планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување на стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
Мерките имаат за цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност.
Македонија
Рекордна потрошувачка на вода во Скопје, неконтролирано се вадат бавчи и перат автомобили, велат од Водовод

ЈП Водовод и канализација – Скопје, согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода констатира енормно зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови.
Конкретно на ден 23 јуни, дневната потрошувачка на вода изнесуваше рекордни 356.000 м3, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител.
Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени. Воедно апелираат до сите граѓани на градот Скопје на совесно и рационално користење и употреба на водата.
„Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk“, велат од Водовод.
Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.
Македонија
Костадиновски на средба со Мартин Памер за предизвиците со кои се соочува Уставниот суд

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски оствари средба со Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија.
Костадиновски го информираше амбасадорот Памер за актуелностите и предизвиците со кои се соочува Уставниот суд и го запозна со приоритетите во неговиот мандат.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од унапредување на соработката помеѓу двата уставни судови за што претседателот Костадиновски предаде покана за претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер.
Амбасадорот Памер истакна дека ќе се заложи за воспоставување на билатерална соработка меѓу двата суда, нагласувајќи дека високо ја цени посветеноста на Уставниот суд на Република Северна Македонија кој има круцијална улога во обезбедување на владеењето на правото и правната држава.