Македонија
Владата воведе забрана за вршење промет со метални остатоци

Министерството за животна средина и просторно планирање ја информираше Владата за состојбата со нелегалниот промет со предмети кои се забранети за откуп согласно Законот за животна средина и законот за отпад, рече ресорниот министер Абдилаќим Адеми во саботата на прес-конференција во владата.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, исто така, изјави дека по информацијата доставена од Владата, таа на својата 50-тата седница донела заклучок да се донесе „наредба за забрана за вршење на внатрешен промет, откуп во Република Македонија. како и извоз од Република Македонија на отпадоци и остатоци на прозводи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк калај, бронза и месинг за период од шест месеци“.
„Ваквата постапка е резултат на зачестените кражби на предмети од метал кои се во општа употреба. Со овие кражби се нанесува голема штета на стопанството, како и на безбедноста на граѓаните на Македонија. Согласно овластувањата во изминатиот период Државниот инспектор за животна средина, утврди бројни неправилности во работењето на голем број чинители од оваа област. На 15-ти март добиено е известување дека на приемен пункт има утврдено по истовар на камиони со секундарна суровина прием на пет капаци од водоводни шахти кои се доставени од страна на три различни фирми, по што е извршен вонреден сеопфатен инспекциски надзор и по истражната постапка се донесени следните акти: Забрана за работа на четири правни субјекти како и припремени се барања до Јавното обвинителство за покренувања на кривични постапки“, рече Адеми.
Во наредниот период при издавање на дозволите за извоз, Државниот инспекторат ќе присуствува на самото место на утовар на секундарни суровини, при што ќе се изготвува записник на видот и количината на отпадното железо, записник кој ке биде пропратен документ при контрола на граничните премини, дополни министерот за животн асредина.
„Сметаме дека со една ваква мерка ќе придонесеме за спречување на овие кражби, како и за решавање и надминување на овој тренд којшто се јавува во државата на секое покачување на цената на отпадните метали“, рече Адеми апелирајќи сите субјекти да ја почитуваат наредбата како и да помогнат во нејзиното спроведување.
Министерот истакна дека наредбата стриктно треба да се почитува и оти се надева на позитивни ефекти. Во спротивно ќе се побара продолжување на наредбата, порача Адеми./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.