Македонија
Потпишан договор за поширока соработка помеѓу Македонија и НАТО
Договор меѓу Министерството за одбрана и Организацијата на НАТО за консултации, команда и контрола во петок беше потпишан во Брисел.
Договорот се однесува на соработка во областа на консултација, команда, контрола, комуникации, разузнување, набљудување и извидување.
Од македонска страна, документот го потпиша државниот секретар во Министерството за одбрана, Петар Есмеров.
„Потпишувањето на Договорот е резултат на напорите на Република Македонија во духот на нашите подготовки за членство и уште еден пример на перманентното продлабочување и зајакнување на соработката со Алијансата. Република Македонија е првата земја партнер од Регионот што потпишува ваков договор со оваа НАТО Агенција што нè носи во клубот на останатите земји партнери, но членки на ЕУ, како што се Шведска и Финска. Со овој договор се проширува патот и се овозможува подлабоко и понапредно ниво на интероперативност меѓу Армијата на Република Македонија и НАТО“, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
Денешната активност претставува почеток на понатамошната поширока соработка меѓу Македонија и Агенцијата на НАТО за консултации, команда и контрола. Се работи на Иницијативата „Регионален пристап кон против-воздушната одбрана на Балканот“ како прв проект за градење и воспоставување на регионални способности за контрола на воздушниот простор во духот на концептот „паметна одбрана“.
„Република Македонија уште еднаш потврди дека е посветена на сите напори на Алијансата за поттикнување на поголема соработка и интероперативност и сите иницијативи што овозможуваат буџетски заштеди со групирање и заедничко користење на одбранбените ресурси и потенцијали, а со цел остварување поголеми резултати“, велат од МО.
Во контекст на споменатото, од страна на државниот секретар Есмеров беше нагласено дека придонесот на Македонија како членка на НАТО би бил уште поголем.
Агенцијата на НАТО за консултации, команда и контрола обезбедува и изведува проекти, научен и технички совет и поддршка за воените структури на Алијансата, земјите членки и партнери во врска со прашања кои се однесуваат на оперативното истражување, следење, воздушна команда и контрола, вклучувајќи и одбрана од проектили, електронско војување и рано предупредување и контрола, како и комуникациско-информативните системи. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поверениците во четирите општини да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторените избори, бара ЛДП
По информацијата на Владата дека наредната недела ќе назначи повереници во општините кои поради немање цензус не успеаја да изберат градоначалници, Либерално-демократската партија (ЛДП) ја информира јавноста дека ќе бара да се измени Изборниот законик.
Измените во Изборниот законик кои ќе ги предложи ЛДП се однесуваат на тоа владините повереници да не можат да се кандидираат на повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Овие измени ЛДП ќе ги предложи за да нема никој нефер предност пред останатите кандидати за градоначалници, но и да се намали можноста за евентуални злоупотреби и несовесни работења на поверениците во периодот додека не се одржат повторените избори.
Оваа предлог мерка доаѓа по прифаќањето на предлогот на ЛДП за враќање на референдумското отповикување на градоначалници во Законот за локална самоуправа, кој веќе се наоѓа во Собранието и со кој после 30 години од укинувањето на референдумот, ќе се стави крај на заштитата на неефикасните и нетранспарентни функционери.
Доколку се усвојат и измените на Изборниот законик и се воведе ограничувањето за поверениците да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторните избори во четирите општини кои не обезбедија цензус во првиот круг, ќе се овозможат фер услови за коректен политички натпревар, ослободен од било какви сомнежи за дополнителни злоупотреби и политички влијанија, велат од ЛДП.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага: Заев, Николовски, Груби, Филипче, Бајрами, Дончев и Рашковски посочени како пример за неказнивост
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема да толерира незаконско постапување и девијантно однесување на поединци за кои постојат сомнежи дека ги прекршиле законските регулативи. Од партијата порачуваат дека Законот мора да важи еднакво за сите и дека секој фатен во корупција или криминал треба да понесе соодветна одговорност.
Во реакцијата се наведува дека државата не смее да се враќа во „мрачните времиња“, како што ги нарекуваат периодите кога, според нив, лица со основано сомнение или пресуди за криминал – меѓу кои ги посочуваат Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев и Рашковски – слободно се движеле без одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат надлежните институции целосно да го истражат случајот и да постапат до крај согласно законските прописи.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.

