Македонија
Двајца осомничени за убиството кај Смилковско езеро во бегство
Петчлена група учествувала во масакрот којшто се случи на 12 април кај Смилковското езеро кога беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 20 години и еден 45-годишен жител на село Црешево.
Сите петмина биле од Скопје на возраст од 24 до 54 години. Тројца од нив меѓу кои едно лице на возраст од 27 години и двајца браќа на возраст од 32 и 33 се осомничени дека се убијци, а додека останатите двајца им помагале.
Против сите петмина е поднесена кривична пријва за тероризам. Според МВР, трите лица на 12 април околу 20 часот со огнено оружје, две автоматски пушки и еден автоматски пиштол, ги убиле недолжните рибари и со „опел омега“ избегале. Возилото го оставиле на местото Вражји вир, а другите двајца им обезбедиле засолниште и им помогнале да ја преминат границата кон Косово.
Двајца од петмината кои се опфатени со оваа крвична пријава се во бегство, но министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска не соопшти дали двајцата избегани биле убијците или помагатели.
„Дел од приведените се учесници во кривичното дело, но по двајца сé уште се трага. Едниот од браќата од Скопје е во бегство, а по другиот се трга“, рече Јанкулоска.
Поголемо количество на оружје кое го користеле членовите на криминалната група било складирано во домот на 60-годишно лице од селото Отља. При претрес во неговиот дом се најдени муниција и куршуми со калибар 12,7 мм, 14,5, 7,5 мм, тромблонски куршуми, рамки за автоматска и полуавтоматска пушка.
Пронајдени се и радио станици, маскирни пантолони, кошули, ранци, легитимации, албум со ознаки на УЧК, тактички елеци со маскирна боја и други предмети за кои се смета дека е можно да се користени за извршување кривични дела. Против него е поднесена кривична пријава за тероризам.
При претреси на три локации на подрачјето на Скопје пронајдено е оружје и муниција, а против четири лица се поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали“.
„Имено, при извршен е претрес во домот кај пријавени татко и син од село Арачиново пронајдени се пиштол марка „Валтер“ калибар 9 мм, рамка со 14 парчиња муниција, пиштол марка „Валтер“, кал.7,65 мм со рамка со 8 парчиња муниција за истиот, рамка од пиштол со 5 парчиња, муниција калибар 9мм. При извршен претрес во домот кај 33-годишно лице од Скопје пронајдени се еден пиштол кал.7.62мм и девет куршуми кал.7,62мм, а при претрес во домот кај 28-годишно лице од Скопје пронајдени се една автоматска пушка АК-47 кал.7.62 мм со празна рамка за муниција, 5 празни рамки за муниции, еден сигнален пиштол марка „Екол“ и една рачна бомба – кашикара“ соопшти МВР.
Посебен извештај е поднесен против 10 лица на возраст од 22 до 45 години, сите од Скопје, за кои постојат основани сомненија дека учествувале во организирање, подготвување, извршување, помагање и прикривање на кривичното дело „Тероризам“.
Со оглед на тоа дека потребно е подолго време за спроведување на постапката, во Посебниот извештај, јавното обивнителство побарало од истражниот судија да му предложи одредување на мерка краткотраен притвор над пријавените лица, со цел добивање на потребните наоди и вештачења со кои поединечно би се утврдила кривичната одговорност на истите.
Јанкулоска изјави дека ни датумот, ни местото на убиството не се случајно избрани, но не сакаше да даде други детали бидејќи распитот пред истражен судија е се уште во тек. Таа не одговори дали оваа група добивала инструкции од надвор и дали логистиката на радикалните исламисти е надвор од границите на Македонија.
„МВР будно ја следи состојбата на теренот. Ги користиме сите најнови техники и можни форми за соработка и размена на информации, но се соочуваме со проблем кој е многу сериозен“ изјави Јанкулоска и додаде дека МВР не ја исклучува можноста дека Македонија може да се најде на мета на радикалниот ислам./крај/мвр/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

