Македонија
Стејт Департмент: Законски процес за задоволување на правдата за петкратното убиство

Стејт департментот апелираше да биде испочитуван законскиот процес, за да биде задоволена правдата во случајот со петкратното убиство крај Смилковското Езеро, јави Гласот на Америка на македонски јазик.
„Очигледно, следиме како се развива истрагата, но само повикуваме на сите осомничени за ова ужасно убиство, без оглед на нивниот идентитет, етничка припадност или вероисповед, да им биде овозможен процес согласно законите и на крајот да се обезбеди дека ќе биде задоволена правдата“, изјави портпаролот Марк Тонер на денешниот редовен прес-брифинг во Стејт департментот, одговарајќи на прашање на Гласот на Америка дали САД имаат информации за закана од радикалниот ислам во Македонија, во контекст на наводите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, дека некои од уапсените се негови следбеници и војувале на страната на талибанците против НАТО во Авганистан и Пакистан.
Тонер кажа и дека Амбасадата во Скопје внимателно го следи случајот. /крај/voa/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.