Македонија
Груевски на скандинавска мини турнеја
Владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, од понеделник до петок ќе ги посети Кралството Шведска, Република Финска, Кралството Данска и Кралството Норвешка.
Во рамки на турнејата, предвидено е да бидат остварени средби на највисоко политичко ниво, како и бизнис презентации на Република Македонија пред повеќе заинтересирани инвеститори од овие земји.
Покрај претседателот на Владата, во состав на владината делегација ќе бидат и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции, Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев.
Премиерот Груевски во Стокхолм е предвидено да оствари средба со премиерот на Кралството Шведска, Фредрик Рајнфилд, а покрај ова предвидени се средби и со спикерот на Парламентот на Кралството Шведска, Пер Вестерберг, потоа со министерот за трговија, Ева Бјорлинг, со градоначалникот на Стокхолм, Маргарета Бјорк, како и со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет, Улф Берг.
Во Хелсинки македонскиот премиер ќе се сретне со претседателот на Република Финска, Саули Ниинисто, а ќе присуствува и на вечерата што во чест на македонската делегација ја приредува амбасадорот на Канада во Република Финска, Кристофер Шапраданов, кој што по потекло е Македонец.
Потоа во Копенхаген Груевски ќе оствари средби со премиерот на Кралството Данска, Хелен Шмит, со претседателот на Парламентот на Кралството Данска, Могенс Ликетофт, како и со претседателот на Данск индустри, Ди Карстен Дибвад.
Премиерот Груевски ќе го посети и Осло каде што е предвидена средба со премиерот на Кралството Норвешка, Јенс Столтенберг.
За време на престојот во Стокхолм, Хелсинки, Копенхаген и Осло владиниот економски тим ќе присуствува на бизнис форуми на кои ќе ги претстави економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред повеќе шведски, фински, дански и норвешки компании, а предвидено е одржување и на поединечни средби со претставници на потенцијални инвеститори од овие земји. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје издаде препораки за загадениот воздух и најави засилени инспекции
Град Скопје објави препораки поради загадениот воздух и најави засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи.
„Ве известуваме дека Секторот за заштита на животната средина како надлежен сектор во врска со предлагањето мерки и активности за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, во согласност со со акциските планови за воздух, а во пресрет на зимската сезона и на очекуваните епизоди со зголемено загадување на воздухот, ги предлага следниве препораки:
Редовно чистење на оџаците во домовите и одржување на грејните тела; за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми или каков било синтетички материјал; да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци; печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовен сервис на котлите, печките и на клима-уредите за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи“, се наведува во соопштението.
Град Скопје ги известува граѓаните дека во периодот што е пред нас ќе следуваат засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи, а особено внимание ќе се посвети на откривање и спречување на спалувањето отпад.
Македонија
Јанева: Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници, ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште
Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Таа кажа и дека во подготовка се нови концепции за гимназиско и за уметничко образование, по што ќе следат нови наставни програми, нови учебници, нови испитни програми за државна матура, а кога ќе се сумираат искуствата, ќе се донесе нов Закон за средно образование.
„Во високото образование, кое има ниска ефикасност мерена преку проодноста и навременото завршување на студиите, ќе се зајакнат механизмите за обезбедување квалитет согласно европските стандарди, преку унапредување на агенциите за евалуација и за акредитација, а универзитетите треба да се насочат кон подобрување на релевантноста на студиските програми“, рече Јанева.
Таа кажа дека квалитетното образование се темели на добри наставници.
„Можете да имате најдобри наставни програми и најсовремено опремени училници, но ако нема добар наставник што нив ќе ги оживее, нема квалитетно образование. Затоа Педагошкиот факултет има незаменлива улога како образовна институција“, нагласи Јаневска.
Во рамки на факултетот функционираат три институти: за предучилишно образование, за одделенска настава и за библиотекарство, а се реализираат студии од прв, втор и трет степен.
Министерката Јаневска посочи дека за новата реалност обликувана од дигиталната трансформација и технолошките иновации потребни се наставници кои уште во раната детска возраст ќе постават цврсти основи за учење, знање, размислување, социјални и други вештини, што подоцна, низ воспитно-образовниот процес, ќе се развиваат и усовршуваат.
„Реформирајте ги постоечките програми. Одборот за акредитација ќе ве поддржи, а тој за евалуација ќе ви помогне да ги согледате предизвиците. Треба сите сегменти на системот на образование брзо да ги подобруваме, ако сакаме да го подигнеме квалитетот. Треба да ги зајакнеме капацитетите на воспитувачите и одделенските наставниците, а Педагошкиот факултет треба да се вклучи во процесот на нивна обука и професионален развој“, укажа министерката.
На панел дискусијата организирана по повод јубилејот, министерката Јаневска рече дека нашето образование во целина има простор за подобрување, и за таа цел во тек се реформи кои опфаќаат и промена на наставните програми и обуки за наставниците.
Македонија
Царината и АХВ потпишаа нов меморандум – заеднички против сите обиди за кринимал со храна
Зголемена безбедност на храната која се внесува во државата преку заеднички и координиран пристап на Царинската управа и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и олеснување и забрзување на легалната трговија. Ова се конкретните придобивки, договорени со Меморандумот за соработка, што денеска го потпишаа директорот на Царинска управа Бобан Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.
„Безбедноста на храната ни е еден од клучните приоритети. Суштината на Меморандумот е зајакнат и координиран пристап преку размена на информации со што делуваме превентивно во спречување на секој обид за криминал со храна. Секој обид за загрозување на здравјето на граѓаните ќе биде најстрого санкциониран. Истовремено зајакнување на соработката е клучна и за унапредување на делувањето против царински измами со храна. Размената на информации е клучна за сузбивање на ваквите криминални дела преку анализа на податоци, креирање на профили на ризик и преземање на истражни дејствија и фаќање на сторителите”, истакна директорот Николовски.
Директорот на АХВ, Миланов, вели дека потпишувањето на Меморандумот претставува јасна потврда за заедничката определба на двете институции за координирано, современо и транспарентно делување, со цел унапредување на системите за контрола на храната и животните, олеснување на трговијата и приближување кон европските регулативи и стандарди.
„Акцент со Меморандумот ставен е на унапредувањето на системите за следливост на животните и спречување на нелегалната трговија, со што се обезбедува дополнителна заштита на јавните интереси и на благосостојбата на животните. Заедничката акција е чекор напред кон модернизација на институциите, зголемување на довербата на стопанството и обезбедување сигурен и здрав пазар за граѓаните“, вели Миланов.
Агенцијата за храна и ветеринарство донираше и електронски читачи за микрочипови кои се ставени на располагање на царинските службеници при контрола на домашни миленици. На овој начин се јакне капацитетот за идентификација и проверка на сопственоста на животните, особено при премин преку граничните пунктови, што истовремено претставува мерка за спречување на шверц и заштита на здравствено – санитарната безбедност.

