Македонија
Делегација од НАТО Командата во посета на АРМ
Воена делегација од НАТО Командата во Брисел, предводена од Раководителот на одделот за логистики способности во секторот за одбранбена политика и планирање во НАТО, Бруно Кантин, престојува во петдневна официјална посета на АРМ.
Кантин во ГШ на АРМ оствари средба со Државен советник за политика, планирање и финансии полковник Љубе Дуковски. На средбата, гостите беа запознаени со трансформацијата на АРМ, реформите, извршувањето на мисиите и плановите на АРМ за наредниот период со особен акцент на логистиката.
Исто така, една од темите беше и соработката со НАТО на полето на вежбите при што посебно беше даден акцент на подготовките за учеството на АРМ во вежбата ,,LОGEX 13 “ која треба да се одржи во Босна и Херцеговина.
Примарната цел на оваа посета е размената на информации и асистирање/советување во делот на логистичката подршка.
Во текот на денешнот ден делегацијата ќе го посети и воено медицинскиот центар каде ќе ги разгледа капацитетите и можностите на истиот. Господинот Бруно Кантин во рамките на посетата ќе ја посети и фирмата 11 ти Октомври – ЕУРОКОМПОЗИТ. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОБСЕ ќе помогне за ефикасно враќање на нелегално стекнат имот
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска имаше средба со делегација на ОБСЕ од Одделението за организираниот транснационален криминал и корупцијата, предводена од проектниот офицер, Мерима Абдиќ, на која беше разговарано за спроведување на проектот за зајакнување на напорите за поврат на имот во регионот на ОБСЕ.
Абдиќ го презентираше проектот и подвлече дека борбата против корупцијата останува приоритет на ОБСЕ, како и на главните поддржувачи на проектот, САД и ЕУ. Таа изрази подготвеност преку проектот да споделат искуства за менаџирањето со запленетиот имот и повторената општествена пренамена на имотот.
Заменик претседателот на Владата, Фетаи информираше за неговата улога како претседавач на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата истакнувајќи го залагањето за брзото донесување на новата стратегија за конфискација на имот, која е во владина процедура.
Посебен акцент беше дадено на поддршката на ОБСЕ на институциите одговорни за примената на стратегијата како и на унапредување и повторена општествена пренамена на средствата стекнати од продажбата на запленетиот имот.
Македонија
Божиновска-Агелер: Силно партнерство со САД, разговори за енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
Средбата, како дел од континуираниот дијалог меѓу министерството и амбасадата, се фокусираше на зајакнување на соработката во областа на енергетиката, вклучително енергетската транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и поддршката за обновливи извори на енергија.
Божиновска ја истакна важноста на поддршката од Соединетите Американски Држави во справувањето со енергетските предизвици. Таа потенцираше дека односите меѓу двете земји се градат на цврсти основи на партнерство и меѓусебна доверба.
Амбасадорката Агелер ја потврди заложбата на САД за понатамошно зајакнување на енергетската безбедност и стабилност во регионот, нагласувајќи ја подготвеноста за поддршка на иницијативи кои ќе придонесат за одржлив развој.
Средбата заврши со договор за продолжување на редовната комуникација, со цел реализација на поставените приоритети и дополнително унапредување на билатералната соработка.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на промоција на проекти кои ќе ја забрзаат енергетската транзиција и ќе обезбедат долгорочна стабилност за граѓаните и економијата, соопштија од таму.
Македонија
Магла на Ѓавато, Пресека, Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 100 метри има на планинските превои Ѓавато и Пресека и во Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.