Македонија
Вкупно 7.597 кандидати за 300 места во МВР
Вкупно 7.597 пријави пристигнале до Министерството за внатрешни работи на конкурсот за прием на 300 полициски службеници.
Во рамки на предводениот рок, што истече во средата, најмногу кандидати за вработување во МВР се пријавиле во СВР Скопје – 2049 (ПСОН Гази Баба 790, ПСОН Бит Пазар 658 и ПСОН Карпош 601), потоа во СВР Битола – 1176, СВР Штип – 882, СВР Куманово – 796, СВР Тетово – 776, СВР Охрид – 668, СВР Велес – 650 и СВР Струмица – 600 кандидати.
По завршување на огласот, ќе бидат доставени дописи до Секторите за внатрешни работи со кои ќе биде побарано истите да ги достават поднесените пријави во електронска верзија како и во хартиена форма до Секторот за заеднички работи и управување со човечки ресурси, по што ќе следува внесување на електронските податоци во софтверот за евидентирање на податоците и резултатите од јавниот оглас.
Следната фаза, како што информираат од МВР, ќе опфати изготвување на листа од страна на Комисијата по завршена административна проверка, односно листа на пријавени лица кои ќе бидат повикани на проверки на моторички способности.
Откако ќе бида завршена таа фаза ќе биде изготвен распоред на пријавените лица по кој ќе се вршат проверки на моторички способности, а ќе биде испратено и известување на пријавените лица за времето и местото на проверката, преку Секторите за внатрешни работи, односно надлежните организациски единици според живеалиштето на пријавените лица.
При проверките ќе бидат вклучени стручни лица од ЕСЗ и ЕБР, со цел проверка и оценување на постигнатите резултати од страна на пријавените лица.
Проверките ќе се одржуваат во Касарна „Ѓорче Петров“ и Касарна „Илинден“, просечно по 300-600 пријавени лица распоредени во два термини, претпладне од 07 до 10 часот и попладне од 18 часот до 21 часот.
По спроведените проверки ќе се изготви ранг листа од страна на Комисијата, врз основа на постигнати резултати од проверка на моторички способности, а кандидатите кои ги исполниле нормите, ќе бидат вклучени во следната фаза, односно писмено тестирање.
Писменото тестирање кое се состои од: психолошки тест, општообразовен тест и изработка на есеј. Оценување и бодирање на тестовите од писменото тестирање ќе се врши од Комисијата и стручни лица, по што повторно ќе биде изготвена на ранг листа од страна на Комисијата, врз основа на постигнати резултати од писмено тестирање.
По завршувањето на оваа фаза ќе следи интервјуирање на кандидатите. Известувањето на пријавените лица за времето и местото на спроведување на интервјуто, ќе биде со доставување на Известување и тоа преку Секторите за внатрешни работи, односно надлежните организациски единици според живеалиштето на пријавените лица.
Спроведувањето на интервју ќе биде од страна на Комисијата и повторно ќе биде изготвена ранг листа од страна на Комисијата, врз основа на постигнати резултати целокупна селективна постапка.
Последната фаза предвидена со агендата се здравствените прегледи.
Целата процедура на избор на кандидатите ќе заврши со изготвување на конечна ранг листа од страна на Комисијата. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

