Македонија
Јанкулоска и Попоски делеа флаери со информации за процедурите при престој во земјата
Министрите за внатрешни и за надворешни работи, Гордана Јанкуловска и Никола Попоски во петокот на скопскиот аеродром „Александар Велики“ поделија материјали со информации за задолжителните процедури при престој во земјата.
„Денешниот настан претставува презентација на информативните брошури и плакати кои ќе бидат дистрибуирани до сите државјани на Република Македонија кои престојуваат во странство, странците кои престојуваат на територија на Република Македонија, како и лицата со потекло од Македонија кои планираат да престојуваат на територија на Република Македонија во периодот на летните одмори“, изјави Јанкулоска.
Според Јанкулоска брошурите и плакатите наменети за граѓаните и странците содржат корисни информации за услугите кои ги вршат Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи како и Управата за матична евиденција во делот на издавање и замена на лични карти, патни исправи и возачки дозволи, пријавување престој во земјава, пријавување на новородено дете, издавање на уверение за државјанство и останати услуги за граѓаните. Притоа, таа нагласи дека македонските државјани кои престојуваат подолго од три месеца надвор од Република Македонија, а се државјани и на земјата во која престојуваат, заедно со информативната брошура ќе добијат и картонче за пријавување престој надвор од Република Македонија подолг од три месеца.
„Пополнувањето на ова картонче по ниеден основ не претставува отпуст од македонското државјанство, како што подолг период се шпекулираше во јавноста, туку напротив, нивно олеснување, бидејќи лицата кои го имаат пополнето ова картонче ќе можат при излез од земјава да го употребат пасошот на другата држава. Исклучиво со пополнување и прикажување на ова картонче на граничниот премин ќе можат непречено да заминат од Република Македонија со странска патна исправа, а во спротивно за излез од земјава ќе мораат да поседуваат македонска патна исправа. Картончето може да се побара на било кој граничен премин или во било која полициска станица на територијата на Република Македонија“, информираше Јанкулоска.
Инаку, таа апелираше лицата кои престојуваат во Република Македонија за сите дополнителни информации да се обратат во најблиската полициска станица или на интернет страницата на Министерството за внатрешни работи на која можат по електронски пат да го пријават своето престојувалиште во Македонија, но и по електронски пат да пријават евентуалното незадоволство од односот и работата на полицискиот службеник кој постапил несоодветно со нив. Брошурите и плакатите, пак, се изготвени на македонски и на англиски јазик и ќе бидат дистрибуирани на сите гранични премини, потоа во дипломатско конзуларните претставништва на земјава, како и до македонските организации ширум светот.
Попоски, пак, истакна дека денешната активност е една од низата активности на Владата со цел олеснување на престојот на сите оние кои имаат намера да ја посетат РМ, како и на сите граѓани на Република Македонија кои се или имаат намера да патуваат во странство. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

