Македонија
Научно-стручна расправа по предлогот на Белата книга на одбраната
Научно-стручна расправа по Предлогот на Белата книга на одбраната на Македонија во понеделник ќе се одржи во организација на Министерството за одбрана.
На свечено отворање ќе говорат министерот за одбрана Фатмир Бесими и шефот на Советодавниот тим на НАТО полковник Александар Александров.
На научната дебата ќе присуствуваат 30-тина преставници од академската и стручна јавност во земјава кои се очекува да дадат свој придонес кон уште поквалитетен документ. На овој начин, велат од Министерството за одбрана, отпочнува нов процес на соработка со научната јавност во Македонија зајакнувајќи ги евроатланските интеграции на земјата.
Белата книга на одбраната на Република Македонија се публикува по седум години од последниот ваков документ во 2005 година и за прв пат се носи на крајно транспарентен начин во дијалог со стручната заедница.
Оваа Бела книга на одбраната треба да претставува сеопфатен транспарентен документ кој ја презентира националната безбедносна и одбранбена политика, придонесот во евро-атланската и регионалната безбедност и стабилност, долгорочниот план за развој на одбраната, како и поддршката на одбраната со ресурси. Со оваа книга се реафирмираат националните вредности и интереси и за целосно остварување на приоритетните цели особено оние поврзани со што поскоро пристапување кон полноправно членство во НАТО и во ЕУ.
Овој документ се публикува на почетокот на новиот циклус на трансформација на одбраната и се придржува на принципот на целосна отвореност и транспарентност со цел за подобро разбирање на актуелните состојби, проекциите, активностите и очекувањата кои произлегуваат од остварувањето на одбранбената политика.
Белата книга на одбраната е транспарентен документ, кој сеопфатно ја претставува и објаснува националната безбедносна и одбранбена политика на Република Македонија.
Таа транспарентно овозможува генерално согледување на одбранбената политика за домашната, странската и стручната/академската јавност. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

