Македонија
Македонското здравство ќе биде по светски стандарди

Здравствените установи во Македонија ќе ги имплементираат стандардите на Меѓународната заедничка комисија (Joint Commission International – JCI) со цел да се подобри начинот на функционирање и нивото на услуги што ги нудат.
Акредитирањето ќе почне од новата Градска болница „8 Септември“ во Скопје, а потоа стандардите ќе се имплементираат и во останатите здравствени установи во државата во согласност со нивните капацитети и потреби.
Во вторник ќе биде објавен тендер за избор на консултантска куќа, која ќе треба да ги имплементира политиките и процедурите на JCI.
Стандардите за акредитација од JCI се поделени на два дела. Eдниот дел се однесува на пациентите, односно со обезбедувањето грижа за нив, а другиот е во врска со организацијата на здравствената грижа и управувањето.
Акредитацијата е со времетраење од три години по што ќе треба да се обнови, што како што вели, министерот за здравство Никола Тодоров, ќе претставува гарант дека се почитуваат политиките и процедурите кои се поставени во здравствената установа.
„Станува збор за високо поставена цел, која сериозно треба да го промени системот на организација, начинот на функционирање и нивото на квалитет на здравствените установи во Република Македонија“, рече Тодоров на прес-конференција.
Ќе бидат поставени и темелите за формирање на новата Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи, која е предвидена со новиот Закон за здравствена заштита.
Joint Commission International или Меѓународната заедничка комисија е оддел на Заедничката комисија за акредитација на здравствените организации во Соединетите Американски Држави. Формирана е во 1998 година и специјализирана за акредитација на здравствени организации надвор од САД.
Меѓународно е призната како организација за проценка на квалитетот на здравствените организации, чија мисија е да се подигне безбедноста и квалитетот на грижата за пациентите. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.