Македонија
Бедем: Достоинство веќе нема причина да постои како партија
Здружението на припадниците на безбедносните сили Бедем смета дека Достоинство нема потреба повеќе да постои како политичка партија, затоа што не дала поддршка за предлог законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили.
„Станува очигледно дека Достоинство исполнува дневно-политички интереси на други парти, наместо да го даде својот придонес во решавањето на статусот на бранителите. Со донесувањето на овој закон престанува и потребата Достоинство да постои како политичка партија и паѓаат во вода наводните причини зошто Достоинство е во коалиција со Бранко Црвенковски и СДСМ“, рече во средата Киро Киров, претставник на здружението на бранителите Бедем.
Од здружението сметаат дека оние коишто ги напаѓаа македонските бранители, коишто ги убија воените резервисти кај Карпалак (август 2001 година на автопатот Скопје -Тетово, з.р.), не може да ги имаат истите права како и бранителите.
Апелираат до сите политички субјекти да ги напуштат тесно-партиските интереси и да се однесуваат „одговорно кон оние коишто ја бранеа татковината“.
Во саботата 18-ти август, пратеничката група на владејачката ВМРО-ДПМНЕ до Собранието на Република Македонија, поднесе Предлог за донесување закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и за членовите на нивните семејства.
Со предлог законот на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства ќе им се овозможи бесплатно здравство, вработување, стан под закуп, еднократна парична помош, права во образованието, работен стаж во двојно траење, семејна пензија, сместување во старечки домови и одбележување на местата каде што загинале припадниците на безбедносните сили и одликувања.
Законот кој има цел регулирање на посебните социјални права кои им се уставно загарантирани на припадниците кои учествуваа во одбраната на суверенитетот на Република Македонија, предвидува остварување на посебните и социјалните права на припадниците на безбедносните сили, што ќе претставува морална и материјална сатисфакција за претрпените страдања и болки од воениот конфликт во 2001 година.
На овој предлог закон реагираа повеќе албански партии и здруженија, меѓу кои и коалициската во власта ДУИ, сметајќи дека со предлог-законот треба да ги опфати и припадниците на ОНА/УЧК учесници во конфликтот од 2001 година. Опозициската албанска партија НДП смета дека станува збор за анти-албански популистички закон./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

