Македонија
Груевски со владин тим во политичко-економска посета на САД и Канада
Владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, од вторник ќе престојува во политичко-економска посета на Соединетите Американски Држави и Канада.
Во состав на владината делегација ќе бидат заменикот на претседател на Владата и министер за финансии, Зоран Ставревски, министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
Во рамки на посетата, премиерот Груевски, ќе присуствува на Конвенцијата на Републиканската партија во пресрет на претседателските избори во САД, која ќе се одржи во градот Тампа.
Исто така, премиерот ќе присуствува и на Конвенцијата на Демократската партија за претстојните претседателски избори во САД која ќе се одржи во градот Шарлот.
Како што е најавено, Груевски ќе оствари и средби со претставници од двете политички партии.
Посебен аспект на посетата преставува економскиот дел, во рамки на кој владината делегација, предводена од премиерот Груевски, ќе присуствува и ќе се обрати на повеќе бизнис форуми на кои ќе бидат презентирани предностите кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори и поволностите кои се овозможуваат за отворање и водење бизнис.
Владината делегација ќе оствари и посета на неколку организации, и црковно-народни општини на македонската дијаспора во САД и Канада, каде ќе има и средби со раководствата на истите, како и организирани манифестации со македонските иселеници и лицата кои живеат во овие држави а се со потекло од Република Македонија.
Во Канада, владината делегација ќе присуствува на бизнис форум во градот Монтреал, кој е организиран во соработка со Советот за меѓународни односи на Монтреал и локалната бизнис комора. Премиерот Груевски ќе оствари посети и на неколку високообразовни институции, како и здравствени установи во Монтреал и ќе оствари средби со нивните раководства. Целта на овие посети е да се воспостават контакти за воспоставување на соработка во овие области.
Во Торонто, Канада, премиерот Груевски и владината делегација ќе ги претстават можностите за инвестиции во нашата земја на бизнис форум, кој е организиран во соработка со Центарот за инвестирање и трговија на Онтарио и Торонто. Претседателот на Владата ќе има средби и со значајниот Атлантскиот совет на Канада и раководството на истиот, а ќе оствари и посебна средба со Стив Роџерс, претседател на Асоцијација на производители на автомобилски делови на Торонто. Премиерот ќе присуствува и ќе се обрати на црковно-народниот собор на македонската дијаспора во црквата Свети Климент Охридски и ќе оствари средби со иселениците кои живеат во тој регион.
Во Виндзор, Канада, премиерот Груевски и владината делегација ќе остварат средби со македонските иселенички организации и ќе присуствуваат на организирана манифестација со македонската дијаспора.
Во Тампа, САД владината делегација ќе изврши презентација на инвестициските можности кои ги нуди Република Македонија, на организиран бизнис форум, во соработка со локалната трговска комора на градот. Премиерот Груевски ќе оствари средби и со повеќе менаџери на компании од областа на производствената индустрија. Владината делегација ќе присуствува и на Конвенцијата на Републиканската партија.
Во Мајами, САД, премиерот Никола Груевски ќе оствари посета на Големата трговска комора на Мајами и ќе има средба со раководниот менаџмент на Комората. Владината делегација потоа ќе се обрати на бизнис форум организиран од Комората. Претседателот на македонската влада ќе оствари средба и со градоначалникот на Мајами, Томас Регаладо. Владината делегација ќе оствари и средби со повеќе менаџерски тимови од компании од Мајами кои се заинтересирани за инвестиции во Европа.
Во Детроит, САД, премиерот Груевски и владината делегација ќе присуствуваат и ќе се обратат на Конвенцијата на Македонската православна црква во Детроит, и ќе остварат средби со македонските иселенички организации. Владината делегација ќе оствари средби и со претставници на повеќе компании, од областа на автомобилската индустрија, и производството.
Во Аталанта, САД, владината делегација и премиерот Груевски ќе ги претстават поволностите за инвестирање во Македонија на организиран бизнис форум, во соработка со трговската заедница на градот. Владината делегација ќе има и повеќе средби со претставници на компании потенцијални инвеститори во нашата земја. Премиерот и министрите ќе остварат и посети на повеќе индустриски капацитети во градот и ќе има средби со раководствата на компаниите.
Во Шарлот, САД, покрај присуството на Конвенцијата на Демократската партија, владината делегација ќе оствари средба и со раководството на Националниот демократски институт, и ќе има средби со претставници на повеќе компании од градот.
Во рамки на економскиот дел на посетата владината делегација ќе извршат презентации пред претставници на повеќе од 300 американски и канадски компании, и ќе има директни средби со менаџерските тимови на над 50 потенцијални инвеститори, со што ќе се оствари можност за дополнително лобирање на компаниите од северна Америка за реализирање на инвестиции во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

