Македонија
Нови превентивни цели на матичните лекари
Наместо досегашните превентивни прегледи како што се откривање на рамно стапало, деформитет на рбетниот столб и систематските прегледи, матичните лекари во иднина ќе се фокусираат на рано откривање на бубрежната слабост кај возрасната популација, дијабетот, хипертензијата кај децата и депресијата.
Ова на работна средба во Велес во средата го одлучија матичните лекари, Фондот за здравство и Министерството за здравство.
Во превентивната здравствена заштита акцент ќе биде ставен и на препишувањето на антибиотици и антидепресиви.
„Рамното стопало кај дечињата, деформитетот кај рбетниот столб и систематските прегледи се преклопуваат со оние цели на превентивните тимови кои функционираат во Здравствените домови, и тие остануваат во надлежност на матичните, но сепак тие ќе се грижат во целост за своите пациенти па ако откријат нешто веднаш да ги препратат во специјализирани установи“, рече м-р Маја Парнаџиева Змејковска, директор на Фонд за здравствено осигурување, пренесе „Лисица“.
„Денеска ги детектиравме превентивните цели кај матичните лекари што е она што тие треба да го спроведуваат од превенција. И сето тоа врз основа на приоритетните болести во државата, имаме цели за кардиоваскуларни заболувања, малигни заболувања’, рече Јованка Костовска од министерство за здравство.
Новите цели во превентивната заштита се вметнуваат по предлог на матичните лекари. Тие сметаат дека различните видови на превенција во голема мера ќе го подобрат здравјето на граѓаните.
„Бараме промени се со една единствена цел да го превенираме народот што повеќе, значи од повеќе области да има превенција и помалку да лекуваме патологија, рече д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на матични лекари.
На денешната средба, матичните, фондот и министерството се договорија кој сегмент од програмата за малигно заболување преку пап тестот ќе остане под фондот и гинеколозите, а кој под министерството за здравство. /крај/ли/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

