Македонија
Бесими: Треба да сфатиме дека живееме во иста куќа и имаме заедничка иднина
Министерот за одбрана Фатмир Бесими останува на ставот дека немало прекршување на процедурите при неговото поклонување пред споменикот на некогашната Ослободителна Народна Армија во Слупчане.
На средба со новинарите во вторникот, Бесими рече дека униформираните лица во неговата придружба во Слупчане биле по негова наредба и поради тоа не била прекршена никаква процедура.
Објасни дека чинот го направил поради неговото уверување дека треба да се гради меѓусебна доверба меѓу различните етнички заедници во земјата.
„Клучот на сé е дека ние треба меѓу нас да се почитуваме и да сфатиме дека живееме во иста куќа и имаме заедничка иднина. Тоа е клучот. Ако така постапуваме, мислам дека има решенија за сé. Македонија заслужува да биде дел од евроатлантските структури, евроатлантската заедница, како што го дава својот придонес, а тоа можеме доколку ние меѓу нас ги надминуваме разликите, треба заеднички да работиме и да гледаме како идните генерации да имаат посветла иднина и тоа ние можеме да го постигнеме ако се обидеме да се разбереме меѓу себе“, рече Бесими.
Вели дека со идентични реакции се соочил минатата година, кога се поклони пред споменикот на бранителите во дворот на Министерството за одбрана.
„Иста рекација имаше пред една година кога јас положив цвеќе во чест на загинатите бранители. Тоа се работи коишто се чуствителни. Мислам дека и оваа рекација не беше непозната. Оваа реакција ја видов пред една година кај Албанците. Мислам дека треба да се разбираме, тоа е тоа низ кое треба да минеме. Низ ова минале многу држави. Ова е патот низ кој треба да поминеме. Ако сакаме сите граѓани да се чуствуваат еднакво, треба да создадеме амбиент да се почитуваме меѓу себе, да создадеме една заедничка куќа кадешто ќе работиме за нашата заедничка иднина“, објасни Бесими. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

