Македонија
СРД: Гаврилов не може да ја пренесе сопственоста на синот и сопругата

Советот за радиодифузија не го прифати начинот на кој сопственикот на радиото Канал 77, Горан Гaврилов, брат на пратеничката на СДСМ Билјана Казанџиска кој планираше да го реши проблемот со сопственоста со тоа што 80 отсто од радиото го препишал на неговиот син, а 20 отсто на неговата сопруга.
Како што јавува Канал 77, иако правната служба на Советот за радиодифузија даде одобрување за оваа нова сопственичка структура на радиото, според личното мислење на претседателот на Советот, Зоран Трајчевски тоа не било доволно за да се исполнат обврските по членот 11 од Законот за радиодифузна дејност и дека и понатаму постојат блиски семејни врски.
Личното мислење на претседателот го прифатија и по него гласаа и другите членови на Советот за радиодифузија.
Сопственикот на радиото Канал 77, Горан Гаврилов, смета дека вчерашната одлука на Советот за радиодифузија, во врска со промената на сопственоста на неговиот медиум, е бесправна и е лична пресметка на првиот човек на радиодифузија со него.
,,Канал 77 за сопственик има фирма, јас побарав промена на сопственикот на мајката фирма, основач на фирмата, која е сопственик на радиото Канал 77. Но што се случи? Имаше 11 гласа воздржани. Ако сите биле убедени дека моето барање е противзаконско, зошто не гласале против“ – прашува Гаврилов.
„Законот се однесува на јавните функционери и нивните семејства, а не на внуци од тетка или вујко“ реагираше на вчерашната седница членот на советот Столе Наумов.
Наместо да се даде соодветно образложение , Наумов кој беше поранешен вработен во Канал 77 беше обвинет за судир на интереси иако тој во радиото не работи веќе пет години.
Сопственикот на Канал 77 Горан Гаврилов како и сопствениците на телевизиите Канал 5 и Сител добија укажување од СРД да се усогласат со член 11 од законот за радиодифузна дејност, до 30 септември, во спротивно ќе следува одземање на лиценцата./крај/к77/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: Кандидатите на СДС се истите од претходните избори, избрани по волја на Заев

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, на прес-конференција одржана на 5 јули, изјави дека кандидатите на СДСМ за претстојните локални избори се истите кои се појавиле и во претходните два изборни циклуси.
Според него, тоа претставува доказ дека, како што рече, „Зоран Заев ги одбира кандидатите, а Венко Филипче ги потврдува“.
Мицевски ги посочи примерите на неколку актуелни кандидати, меѓу кои и кандидатот за градоначалник на општина Јегуновце, Дарко Блажевски, кој повторно е предложен од СДСМ. Тој го обвини Блажевски за неисполнети проекти и за, како што рече, „лична корист од ветените јавни проекти“.
„Во Јегуновце беше ветен културен дом, а на крајот стариот објект премина во негова сопственост“, рече Мицевски, додавајќи дека и во другите населени места, како Јанчиште и Жилче, дел од ветените проекти не биле реализирани додека Блажевски бил на функција.
Во своето обраќање, Мицевски оцени дека СДСМ се соочува со недостиг на нови и квалитетни кадри и затоа повторно ги кандидира истите лица. Тој додаде дека граѓаните, според ВМРО-ДПМНЕ, даваат поголема поддршка на нивните кандидати.
Македонија
(Видео) СДСМ Куманово: Димитриевски влезе во коалиција со Мицкоски за да се спаси од судски прогон

Соња Тодоровска од СДСМ Куманово, се осврна на одлуката на Обвинителството да се откаже од постапката против Максим Димитриевски.
Според Тодоровска, повлекувањето на Обвинителството го открило, како што рече, вистинскиот договор меѓу Димитриевски и Христијан Мицкоски. Таа обвини дека Димитриевски добил заштита од актуелната власт, а неговото коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ го оцени како обид да избегне одговорност.
„Максим Димитриевски не е коалициски партнер, туку тој е декор, инструмент, политичка маска“, рече Тодоровска, додавајќи дека, според СДСМ, неговиот ангажман е воден од бизнис интереси и внатрепартиски договори.
Во изјавата беше нагласено дека, според СДСМ Куманово, граѓаните веќе го препознале политичкиот профил на Димитриевски и дека „на Куманово и на Македонија ѝ се потребни чесни луѓе со став и интегритет“.
Тодоровска порача дека „правдата може да биде одложена, но нема да биде избегната“ и најави дека ќе има одговорност.
Македонија
Стефковски со порака до Водовод: Пуштете вода веднаш или излегуваме на улица

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски преку својот профил на социјалните мрежи се обрати до граѓаните по однос на проблемот со недостатокот на вода за пиење.
Како што пишува Стефковски, населените места Црешево, Смилковци, Маџари, Железара, Автокоманда и Ченто се оставени без вода за пиење поради недостаток на колични на вода.
„Во услови на екстермно високи температури, ваквата состојба е не само недозволива, туку и срамна. Ги потсетувам Град Скопје и ЈП Водовод и канализација дека не постојат сами за себе, туку за граѓаните. Како градоначалник избран од народот им порачувам: проблемите на граѓаните се и мои проблеми“, напиша Стефковски.
Тој упати апел за итно постапување, интервенција и изнаоѓање решение, а во спротивно најави дека ќе ги поддржи граѓаните во превземањето на сите демократски методи и најави можна организација на протести.
„Затоа денес, јавно и јасно упатувам апел за ИТНО постапување. Бараме итна интервенција и решение! Доколку оваа состојба не се реши веднаш, ќе го поддржам народот во превземањето на сите демократски методи. Ќе излеземе на улица!
Институциите кои молчат ќе се соочат со гневот и незадоволството на граѓаните. Нема да дозволам никој да биде оставен без вода во 21 век, во главниот град на Македонија!
Ова не е политичко прашање – ова е прашање на живот. Граѓаните заслужуваат почит, а не игноранција“, заклучи Стефковски.