Македонија
Лекарите впишувале непостоечки интервенции
Министерството за здравство информира дека во четврток извршило проверка на начинот на внесување во системот за плаќање по успешност во осум јавни здравствени установи, во кои тимовите од Министерството извршиле споредба на внесот на податоци со болничките дневници во овие ЈЗУ.
„Општа констатација при проверката е дека во одредени случаи има поголем број евидентирани интервенции од сработеното (не се внесувани за да не се наруши учинокот на останатите), додека во други се внесени повеќе интервенции во системот од оние што можат да се најдат во медицинската документација“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Подрастичен пример е забележан кај доктор-специјалист од универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, кој во електронската апликација за плаќање по успешност внел дури 837 интервенции, а во болничкиот дневник биле запишани 137 извршени интервенции од истиот доктор.
Истиот лекар евидентирал 61 отпусно писмо за минатиот месец, а констатирано е дека на цел оддел воопшто немало толкав број испишани пациенти.
Во попладневните часови, во четвртокот, кај овој доктор забележана е екстремно намалување на бројката наизвршени интервенции, односно лекарот ги избришал претходно евидентираните услуги и од вкупно 837, во 18 часот се останати само 41 услуга,
Друг покарактеристичен пример за неправилно внесување на податоци е за докторка од Клиниката за очни болести, која впишала дека е извршена витректомија кај пациент, што носи 2,5 бода.
„Ваква интервенција во болничкиот дневник воопшто не е евидентирана, а докторката не ја работи оваа интервенција и не се води како извршена на ниво на цела клиника“, информираат од МЗ.
Кај доктори од оваа клиника, забележано е дека внесувале податоци за извршена фако метода, која носи 1.500 бодови, а реално на пациентите им била извршена класична интервенција од илјада бодови, со што добивале 500 бодови повеќе од предвиденото за секоја интервенција.
Исто така, на Клиниката за детска хирургија, каде во системот била впишана интервенција за кила, наводно направена кај дете помало од 1 година, која носи илјада бодови, но овој вид интервенција воопшто не е најдена како извршена во главната оперативна книга во оваа здравствена установа.
Од Министерството за здравство велат дека продолжуваат со контролите на терен и дека опомена ќе добијат лекарите и здравствените установи кај кои ќе бидат утврдени одредени неправилности во електронската апликација за внес на податоци во системот за плаќање по успешност./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

