Македонија
Бесими: Македонскиот јазик е службен во АРМ, но нема ограничувања за говорите
Македонскиот јазик, по закон, е службен во АРМ, но во однос на говорите нема ниту едно законско ограничување.
Ова во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски јазик го вели министерот за одбрана Фатмир Бесими, прашан за неговиот настап на албански јазик пред кадетите на Воената академија во Скопје.
„Во законот е јасно дефинирано дека македонскиот јазик е службен. Во однос на командата, во армијата, во пишаните наредби, се на македонски јазик. Тоа што јас сум го кажал или направил е во однос како е во говорите, каде можам да го направам, исто така на нашата веб-страница, каде исто така тоа е регулирано, и во однос на Уставот, над 20 проценти од граѓаните кои го говорат јазикот можат да го користат својот јазик. Во АРМ, албанскиот се користи кога даваат заклетва, и тоа е и во пишан документ, покрај македонскиот, и на албански јазик да ја потпишат својата заклетва. Ова не е некоја работа што воопшто не треба да се дискутира. Тоа се отворени прашања, има различни практики. Сакам да кажам дека и тој момент, кој беше пренесен во јавноста, не беше ново, туку беше повеќе како сензација. Јас не чувствував за потреба тоа дополнително да го објаснам. Тоа е познато и функционира и немаше реакција внатре во институцијата“, вели Бесими.
Во однос на тоа дали постои ли јаз меѓу него и началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија, Бесими смета дека тоа било медиумска сензација.
„Не е прв пат јас да се обраќам на албански јазик. Уште од самото мое поставување, не само како министер за одбрана, туку и за економија, во моите говори, покрај македонскиот, без да се оди на класичен превод, делови од говорот или пораки, ги читам или говорам и на албански, и на англиски, зависно од аудиториумот. Меѓутоа, и во Уставот, тие прашања се регулирани. Сепак, кога станува збор за говор, нема ниту едно законско ограничување. Една од главните уставни одредби, покрај тоа што стои дека службен јазик покрај македонскиот е тој што го зборуваат над 20 проценти, односно албанскиот, е исто така службен, регулиран со законите. Меѓутоа, има уште една друга основна одредба во Уставот – се` што не е забрането е дозволено. Мислам дека тоа беше чисто некоја сензација кој некој го искористи да го коментира во оваа фаза, но не е ништо ново. Тие што се внатре во институцијата, тоа го знаат. Во однос на релациите, министер, претседател на држава и началник на Генералштаб, тие се јасно дефинирани во законот и мислам дека доколку се почитуваат тие одредби, ние функционираме најнормално во тој аспект“, додава Бесими.
На прашањето зошто „случајот Слупчане“ доби толкав публицитет, Бесими вели дека со тоа се отвори едно клучно прашање за соживотот во Македонија, за инклузивниот пристап во земјата, да биде модел за земја-членка на ЕУ и НАТО.
„Овие земји ги промовираат вредностите на инклузивност, почитување на различноста, меѓусебно разбирање и почитување, зајакнување на довербата. Тоа е прашање што овие 11 години по Охридскиот договор не е дискутирано во јавноста и политиката, а сепак е прашање што треба да се реши. Мислам дека тоа е главната тема што се покрена толкава дискусија во јавноста, и сметам дека е прашање за кое треба да се разговара и прашање за кое треба да се најде решение на балансиран начин. Значи, подеднакво да се почитуваат и да им се даде можноста да се интегрираат во општеството, без разлика на нивната етничка припадност. И, од конфликтот во 2001-ва, двете страни кои беа инволвирани, да имаат можност да се интегрираат во општеството, и тоа да биде еден начин да се гледа кон иднината“, вели Бесими.
Во однос на средбите со американските одбранбени преставници, Бесими вели дека ќе ги претстави сите чекори што македонската одбрана ги превзема во однос на евроатланската интеграција.
„Ќе зборувам, конкретно за некои проекти кои се однесуваат на модернизацијата на АРМ, како и во делот на стратешките документи кои ги подготвува одбраната, како и за самата евроатланската интеграција, за да се држи темпото за овој процес кој е значаен за мирот и стабилноста на регионот; во тој контекст, и некои делови кои ги дискутиравме за „паметната одбрана“, како регионален концепт“, вели Бесими за „Глас на Америка“.
За прашањето за името Бесими вели дека е политичко, а во областа на одбраната, соработката со Пентагон се однесува на реформите.
„Секако, прашањето е предизвик, и ние сметаме што е можно побрзо да се реши. Ќе ја искористам можноста да укажам дека е многу важно процесот на евроатланска интеграција на Македонија и регионот во НАТО да се случи што побрзо, да се најде начин да се надминат отворените прашања, како што е прашањето за името меѓу Македонија и Грција, отворените прашања меѓу Косово и Србија и во Босна и Херцеговина. Ова се прашања што треба, и што е можно побрзо да се најде решение, со цел регионот да биде во одржлив мир и стабилност“, додава Бесими.
Според него не се истрошени аргументите за напредокот на Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО, а Бесими смета дека секојдневно се зајакнуваат.
„Факт е дека Република Македонија останува посветена на овој процес; продолжува поддршката на граѓаните од 90 отсто и има политички консензус за ова прашање и покрај сите предизвици во сите овие години; Македонија е земја со најдолг процес на МАП – акционен план за членство. Поддршката од граѓаните стои и натаму и аргументите за членство јакнат и натаму. Нашиот придонес во НАТО со мисиите не престанува. Нашите реформи продолжуваат секојдневно“, вели Бесими. /крај/voa/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прилеп е лидер во селекцијата на отпадот
Прилеп е лидер во селекцијата на отпадот со што може подготвено да го пречека почетокот на работата на Регионалната депонија во Југозападниот дел во Македонија.
Во градот веќе стигнаа нови контејнери, канти за селекција во домаќинствата, а до јуни ќе стигнат и 9 возила преку проектот на Министерството за животна средина. Во моментов се работи на урбанизиран Собирен центар за отпад по европски терк. Таму граѓаните ќе го носат сиот отпад што не го собира претпријатието.
-Собирниот центар за граѓаните, за бизнис секторот ќе значи еден комплекс каде сите самоиницијативно ќе може да донесат различни видови отпад кој не го собира комуналното претпријатие: санитарија, дограма, отпадни гуми, електричен и електронски отпад. Собирниот центар кој ќе се урбанизира е европски принцип на градба, ќе биде по принципот на боксови, контејнери од 5 кубни метри и прес-контејнери, објаснува Лилјана Силјаноска, лице за односи со јавност во ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.
Селекцијата, потенцира, е клучна за новата Регионална депонија.
-Кога ќе почне да функционира Регионалната депонија за управување и депонирање на отпадот, комуналното претпријатие ќе плаќа за сиот отпад што таму ќе се транспортира и депонира. Колку отпадот е поселектиран, цената ќе биде пониска и обратно. Затоа е клучна селекцијата. Цените, инаку, ќе ги одредува регулаторна комисија, појасни Силјаноска.
Напролет ќе профункционира и Фабриката за селекција на отпадот кај постојната градска депонија. Во дражавава се потребни повеќе рециклирачки центри за да се откупува отпадот, па да се извезува.
– Сите овие проекти што се во тек, или во завршна фаза, или реализирани, или, пак, во форма на техничка документација ќе значи дека општина Прилеп мора да биде подготвена со реализирани и изградени проекти до отворањето на идната Регионална депонија. Да потсетиме, Прилеп ќе има претоварен центар за четирите општини: Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево, вели Силјаноска.
Дневно во Прилеп се собираат 60 до 80 тони отпад, а годишно околу 30 000 тони, а околу 1000 тони отпаден материјал се продава.
Македонија
Алиу: Примарната цел на законот е да ги превенира штетните последици од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува мерки за подигнување на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста. Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се откажат од пушењето, без притоа да бидат стигматизирани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Предвидени се, додава, законски обврски за спроведување превентивни програми за откажување од пушењето, советувања и едукации, како и целокупна поддршка во процесот на откажување од оваа зависност.
-Зависноста од никотин претставува медицински и јавноздравствен проблем. Докажано е дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето, така што примарната цел на овој закон не е да казнува, туку да ги превенира штетните последици од пушењето, посочува Алиу.
Воедно, како што вели, во рамки на законските одредби јасно се утврдени надлежните инспекции, санкциите за непочитување, како и улогата на локалните власти во спроведувањето на законот.
Македонија
Државата наплати данок од над 2 милиони денари од донациите за настраданите во пожарот во Кочани
Иницијативата „Супорт Кочани“ ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации. На лица директно погодени од трагедијата во „Пулс“, распределени се вкупно 3.153.204 денари. При тоа, 123 лица добиле по 15.968 денари, а кај други 19 лица, кај секој, распределени се по 45.992 денари. На име на персонален данок (ППД) се исплатени 319.292 денари.
Ова вчера го соопштија волонтерите од „Супорт Кочани“, иницијатива формирана веднаш по катастрофалниот пожар од 16 март минатата година во кочанската дискотека „Пулс“.
Средствата од третата распределба преку заедничката наменска сметка се донации кои потекнуваат од Македонската православна епархија за Европа и од ослободена провизија од НЛБ Тутунска банка.
Со оваа распределба, процесот на директна финансиска поддршка продолжува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и правична распределба, порачуваат волонтерите.
Во трите распределби до сега, преку иницијативата „Супорт Кочани“, на 142 лица кои потпишале потреба за помош им се донирани во бруто износ вкупно 22.742.997 денари. Од оваа сума на име персонален данок (ПДД), исплатени се вкупно 2.274.285 денари.

