Македонија
Разлика од 24 илјади лица од списокот на МВР и Избирачкиот на ДИК
Околу 24 илјади лица изнесува разликата меѓу Избирачкиот список во ДИК и податоците изнесени од Министерството за внатрешни работи, под објаснување дека тоа се лица кои до крајот на годината ќе станат полнолетни, што за претставникот на СДСМ во Работната група при ДИК, е невозможно.
Заклучно со 31.10.2012 година во Државната изборна комисија (ДИК) се води Избирачки список на граѓани со и без биометриски лични исправи во кој се запишани 1.878.029 избирачи, а истовремено се води Иизбирачки список само на граѓани со биометриски лични исправи во кој се запишани 1.745.136 избирачи.
„Имаме посебен избирачки список, каде се запишани избирачи кои немаат биометриска лична исправа од 132.893, од кои 32 илјади се надвор од државата“, рече претседателот на Работната група, Бедредин Ибраими.
Бројката во однос на септември е намалена за околу седум илјади лица, со тоа што тогаш бројот на лица со стари лични документи изнесуваше 139.711.
„Сметам дека е исклучително корисен заклучокот кој беше донесен практично Избирачкиот список во претстојниот период кога доаѓаат изборите е онака како што пишува и во Законот, а тоа е само со оние лица кои имаат право да гласаат. Притоа на оваа работна средба, отворивме како политичка партија две дилеми, коишто се поврзуваат со бројките што ни се дадени овде од страна на државните институции, а тоа е дека на 30-ти септември 2012 година постоои разлика меѓу бројот на избирачи од МВР и ДИК и таа разлика не е мала, туку напротив изнесува 24.255 лица“, рече Јани Макрадули, претставник на СДСМ во Работната група за прочистување на Избирачкиот список при Државната изборна комисија.
Според него, ако се знае дека резултатите во некои општини завршуваат со разлика од четири, пет, шест гласа, а дури спомна и случај со еден глас разлика што завршил пред неколку години, посочи дека мора да се разреши овој проблем.
„Втора дилема која се отвора е бројот на лица коишто немаат валиден документ за гласање, на пример во скопските општини, а коишто многуи се разликуваат. На пример, во Општина Центар има околу 4.500 лица, а во Општина Аеродром околу 350 лица, што зборува за една нерамнотежа и неусогласеност“, рече Макрадули.
Исто така, тој побара МВР да достави преглед на издадени лични карти по општини за последните шест месеци.
„На тој начин ќе ги демистифицираме сите оние забелешки коишто постојат во јавноста и само на тој начин ќе придонесеме за градење доверба во рамки на изборниот процес“, рече Макрадули.
Посочи дека СДСМ ја поддржува теренската активност за проверка на речиси 133 илјади лица коишто немаат валиден документ за гласање.
„Многу повеќе ја поддржуваме таа ревизија отколку да влеземе во процесот да постои уште еден список потоа на денот на гласањето коешто само ќе го отежни процесот на гласање, со оглед на искуството што го имам од 1990-тите години, од кутии до кандидат“, додаде Макрадули.
„Политичките партии се согласни да се оди на терен, но тоа не е работа на оваа група. ДИК секогаш е подготвена ако има пари и човечки ресури да излезе на терен, но во однос на избирачкиот список нема да има кој знае каков ефект. ДИК работи на јавни исправи издадени од овластени органи од државата“, рече Ибраими кој информира дека разговарал со повеќе претставници на политички партии, но за таква активност државата треба да обезбеди пари.
За денот на изборите Ибраими предложи решение според кое би постоел покрај официјалниот Избирачки список, паралелно да постои список на луѓе без валидни документи, па доколку некој во меѓувреме извадил, податоците од нив да бидат запишани во тој список.
Тоа отвора дилема дали ќе треба печатење на дополнителни 133 илјади гласачки ливчиња, што е можност за манипулација.
Спомна дека има отстапување на бројот на избирачи по изборни единици, од +5 отсто, во однос на просечниот број на избирачи по изборни единици, а тоа е во ИЕ бр.6, што Министерството за правда и другите органи треба да го решат.
На последниот состанок што ќе се оджи на почетокот од декември треба да има точни податоци.
ДИК изработи и спот, што ќе биде прикажуван на националната телевизија, со кој ги информира граѓаните да извадат нови лични документи, без кои нема да можат да го остварат правото на глас на денот на избори./крај/бб/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

