Македонија
Владата ќе го ревидира обемот на субјекти што треба да плаќаат надомест за музика

Можна е ревизија во поглед на обемот на опфат на субјекти кои ќе бидат задолжени за плаќање на надоместот за музика, најави во сабота владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, одговарајќи на новинарски прашања.
„Изминатиот период точно е дека бевме сведоци на големи реакции во јавноста, а имавме и директни претставки до Владата од страна на повеќе субјекти кои на некој начин спореа определени моменти од самиот овој процес. Владата по првичните анализи, врз основа на овие реакции во јавноста и врз основа на претставките од субјектите, увиде дека постојат навистина голем број на нелогичности во поглед на оваа материја и увиде дека нелогичностите во најголем дел постојат во поглед на обемот на опфат на субјекти кои ќе бидат задолжени за плаќање на овој надомест“, рече Ѓорѓиев.
Тој додаде дека Владата ќе ги разгледа сите аспекти на оваа проблематика и од тие причини можна е ревизија на целокупната материја..
„Од друга страна не треба да се дозволи нелогично да се оптоварат голем број на субјекти кои не би требало по дефиниција да плаќаат ваков вид на надомест. Идниот период Владата ќе го разгледа ова прашање и соодветно ќе реагира и ќе има ревизија на целата материја, пред сè постапка и акти“, рече Ѓорѓиев. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фон дер Лајен денеска во Скопје, ќе ја пречека премиерот Мицкоски

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, попладнево ќе пристигне во Скопје, во рамки на нејзината балканска турнеја. Таа ќе биде пречекана од премиерот Христијан Мицкоски во Владата со кого ќе разговараат за повеќе прашања.
Мицкоски најави дека од посетата очекува реафирмација на европската перспектива на земјата и конкретна испорака од ЕУ. Тој потврди дека Владата, преку Министерството за дигитална трансформација, соработува со ЕК на проект за отворање центар за вештачка интелигенција во Македонија, вреден околу пет милиони евра.
Фон дер Лајен претходно ги посети земјите од Западен Балкан, а во Скопје ќе има средби и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Македонија
Познатиот црногорски пејач се прости од Панчо: Од првиот ден те гледав како брат

„Од првиот ден те гледав како брат. Знаеш кога луѓето се препознаваат на прв поглед, како да ги познаваш цел живот. Твојата љубезност, насмевка, љубов, ентузијазам и сила ме воодушевуваа на секоја средба и ме охрабруваа за секој нов ден“, напиша црногорскоот пејач, Сергеј Четковиќ на социјалните мрежи.
„Имавме многу планови, идеи… Многу работи да правиме, раскажуваме, создаваме…
Патувај, брате мој, одмори се. Нека ангелите те водат на подобро место и нека Господ ти го подари Рајот!
Те сака твојот брат“, додате Четковиќ.
Пејачот Владимир Блажев-Панчо почина вчера, седум месеци по трагедијата во Кочани.
Македонија
(Видео) Филипче од Битола: Економијата е заглавена, инфлацијата галопира – Мицкоски ја влече државата назад

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на вчерашната граѓанска трибина во Битола, посочи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ, за година и пол ја заглави економијата и го уназади напредокот на државата.
„Економијата е заглавена, инфлацијата галопира, а платите се замрзнати. Оваа власт не ги решава проблемите на луѓето туку ги игнорира.Оваа власт гази по солидарноста, човечноста, демократијата, напредокот и правичноста“, рече Филипче.
Но, не само во економскиот дел, со ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Филипче, државата назадува и политички.
„Мицкоски не ја носи државата напред туку ја влече назад. Во конфликти, во реваншизам, во поделби. И секогаш кога е соочен со критика заради својата неспособност вината е кај некој друг. Ова е политички кукавичлук“, рече Филипче.
Во обраќањето пред граѓаните, Филипче порача дека 19 октомври е повик за враќање на нормалноста.
„На 19 октовмри одговорот е кај народот. Одговорот сте вие. Одговорот ќе дојде од секоја врата, од секое маало, од секое семејство кое веќе знае: доста беше. Време е за враќање на нормалноста. Време е за политика што носи резултати, не изговори. Време е за луѓе што се борат за другите, не за себе“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.