Македонија
Опозицијата одби предлог за донесување на Буџетот, власта подготвувала пуч
На третата координација кај претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, бил понуден разработен предлог во врска со амандманите за буџетот, кој бил одбиен од опозицијата, која пак обвинува дека власта подготвува политички пуч.
„Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во име на власта обзнани сценарио за партиски пуч за газење на Уставот и парламентарната демократија со кое по насилен пат треба да се донесе Буџетот на Република Македонија“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски во паузата од денешната координација кај спикерот, на која се договара донесувањето на Буџетот.
Според Ивановски, ова е вовед во опасното сценарио на кои опозицијата со време реагира и апелира на разум.
„Побарав пауза за да му оставиме простор на Трајко Вељаноски да размисли и уште еднаш да се консултира со партијата и да се повлече од овој предлог кој го најави делумно вчера денеска прецизно, зашто последиците од тоа ќе бидат многу лоши за целата држава“, рече Ивановски.
Вељаноски, според Ивановски, предложил прво министерот за финансии писмено да се изјасни по секој од поднесените амандмани, а комисиите за финансирање и буџет и законодавно-правната комисија да не заседаваат.
Потоа пратениците од власта писмено да му потврдат на министерот и на претседателите на комисиите дека се согласуваат со она што го предложил министерот и на крај претседателите на комисиите да потпишат извештај во кој без дебата, без постапка, деловник, закон, устав, јавност, пишува дека буџетот е завршен.
„Ако претседателите не се согласат тоа да го направат, тоа ќе го направеле мнозинството пратеници пак со писмо со што ќе бил донесен Буџетот на Република Македонија“, објасни Ивановски.
Изет Зеќири од НДП, кој има поднесено околу 400 амандмани за буџетот, иако поканет денеска не присуствуваше на координацијата.
Зеќири рече дека не присуствувал на средбата бидејќи планот на Владата бил несериозен и дека вчера вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески јасно порачал дека ќе прифати проекти што ќе се вклопат во владините проекти.
Неговите амандмани се за инфраструктурни проекти во вредност од 80 милиони евра.
„Разговорите за повлекување на неговите амандмани, може да продолжат на политичко и на експертско ниво“, додаде Зеќири.
На координацијата не присуствуваше ни координаторот на ДПА, пратеникот Зијадин Села кој рече дека нивните амандмани за буџетот се исти како и тие од минатата година зашто, според Села, во средините каде што живеат Албанци не е направено ништо.
„ДПА не присуствува на координација од периодот кога во процедура влезе законот за бранители и се додека не се повлече нема да одиме. Ние не сме тука да се испазариме“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање зошто не присуствувале на средбата и не се обиделе да постигнат договор за своите предлози.
Продолжението на Комисијата за финансирање и буџет е одложено за 16 часот./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

