Македонија
Одбранбените аташеа ќе реферираат пред Бесими и Котески

Одбранбените аташеа на Македонија во странство во понеделник ќе реферираат пред министерот за одбрана, Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, за сработеното во 2012 година.
Oсвен тоа ќе се запознаат со приоритетите за 2013 година, и нивните натамошни задачи, како и за еден од клучните документи Стратегијата за одбранбена дипломатија кој е донесен од страна на министерот за одбрана.
Стратегијата за одбранбена дипломатија е документ на Министерството за одбрана со кој на транспарентен и сублимиран начин на домашната и на меѓународната јавност се претставуваат мисијата, целите, принципите и инструментите на одбранбената дипломатија, дипломатските звања, водењето и организациската поставеност и натамошен развој на одбранбено дипломатската мрежа во странство.
Главни новини кои ги носи Стратегијата се во делот на регрутирањето, селекцијата, изборот и подготовката на персоналот за одбранбена дипломатија од базенот на над 200 лица, а ќе се разгледа можноста и за формирање на Школа за одбранбена дипломатија./крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Струга е поетска република што гради мостови и го менува светот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го прогласи за отворено 64. издание на Струшките вечери на поезијата и во рамки на свеченото отворање на фестивалот го проследи Меѓународното поетско читање – „Поетски меридијани“.
Во своето обраќање, таа ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата“, коишто од Струга направија културна, поетска република.
Сиљановска-Давкова оцени дека најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Таа укажа дека Струга како поетска република ги обединува поетите од различни континенти, држави и култури, без разлика на политичките, или идеолошките поделби.
Претседателката постави важни прашања за релевантноста на поезијата во современиот свет, во време на дигитална зависност, сензационализам и забрзана технологија. Предупредувајќи на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција нагласи дека неможното за вештачката интелигенција е можно за поетите, коишто се единствените господари на чувствата и волшебници на зборот.
Потсетувајќи на судбината на АБЕЦЕДАРОТ, забранетите книги, како и на делата на браќата Миладиновци, Сиљановска-Давкова констатираше дека живиот збор е делотворно оружје што може да ја разбуди совеста, да поттикне активност и да ја промени реалноста.
„Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства“, им порача на поетите.
Сиљановска-Давкова го поздрави враќањето на најважните белези на фестивалот: читањата кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење до Свети Наум и поетското матине во „Св. Богородица Перивлепта“.
Македонија
Предлогот на Мицкоски за повереници е најава за враќање на авторитаризмот на Груевски, смета ДОМ

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) реагира, како што велат, со огромна загриженост на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека, доколку локалните избори во октомври се „неуспешни“, Владата ќе именува повереници како градоначалници.
Според партијата, ваквата отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски, менторот на Мицкоски.
„Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е „политичка тактика“, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат. Зелената партија ДОМ ја потсетува јавноста дека стравот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните прикриени коалициски партнери (СДСМ и ДУИ) од независните гласови го разоткрива лицето на една тивка, но сеопфатна согласност меѓу партиските „аристократии“. Молкот за ова прашање од страна на „опозициските“ перјаници од СДСМ и ДУИ само ги потврдува сомнежите за таа непринципиелна коалиција и нивната нетрпеливост кон новите, храбри независни гласови“, велат од ДОМ.
Партијата бара премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните.
„Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување „повереници“ наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал“, велат од ДОМ.
Македонија
Без струја делови од Бутел, Центар и Аеродром

Без струја денеска ќе останат делови од Бутел, Центар и Аеродром.
„Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, известува дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 22.08.2025 година ( петок ), без електрична енергија ќе останат:
· од 07:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул.Боца Иванова во близина на Јафа. (Општина Бутел)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул.Васил Стефановски (општина Центар)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул. 9-ти Мај (општина Центар)
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Тодор Чангов (општина Аеродром)“, информира ЦУК.