Македонија
30 години се префрла топката „вие сте криви“ – Дебата на кандидатите за Ѓорче

Најмногу е вложено во Ѓорче Петров, споредено со последните 20 години. Ова го смета актуелниот градоначалник на општината и кандидат за нов мандат од СДСМ, Александар Наумоски. Тој во дебатата со противкандидатите на „А1он“ и „Макфакс“ кажа дека за реализација останале уште 20 проценти од програмата за Ѓорче да нема повеќе кал.
„Ќе имаме ново училиште во населбата Александрија, кое ќе биде најмодерно, ќе ги прошириме училиштата, имаме нова градинка со прифатена апликација во Ново Село. Уредување на кејот на Лепенец, локалитетот во Кучково. Сите овие се капитални проекти во Ѓорче. Капацитетите на Ѓорче треба да се искористат. По клиничкиот центар, ќе се смени економско-социјалната карта. Ќе нема невработен човек. 500 милиони евра, медицински туризам, топлата вода да се искористи за бански туризам. Доградени градинки, сменети кујни, азбестни кујни. Не е само да се каже дека во Ѓорче е катастрофа. Се прави најмодерна градинка. Лесно е да се каже дека ништо не функционира“, рече Наумоски.
Александар Стојкоски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека по неговото доаѓање во општина Ѓорче Петров, доколку победи на изборите, ќе ги реши проблемите на жителите. Посочи дека во првите месеци цело Кучково ќе добие вода, веднаш ќе започне со работа за да се отстрани депонијата во Ново Село, најави канализација за Никиштани и Орман. Според него, треба одржлив развој во општината. Тој рече дека има повеќе проекти за животната средина, но и за инфраструктурни зафати. Му замери на актуелниот градоначалник Наумоски околу неговите ветувања.
„Вака со ‘ќе направиме, ќе направиме’ граѓаните веќе немаат простор за тоа ‘ќе’, да чекаат постојано. Треба да им е јасно на граѓаните дека нема проект за клиничкиот центар, нема ниту идеен проект за него. Никој не знае како ќе изгледа. Ниту еден проект не е нов, сите се наследени проекти, а тие на некој начин се обидуваат да ги доработат. Во никој случај не би се спротивставил на одлуката клинички да се гради во Ѓорче Петров, ниту на тоа што значи развој на општината. Според моите информации, се работи на изнаоѓање нова локација за клинички. Околу делот на инвестициите сакам да напоменам брз развој на постоечките и дефинирање на нови инфраструктурни зони. Со изградена инфраструктура. На голи полиња многу тешко е да се најдат инвеститори“, рече Стојкоски.
Прва зелена општина да биде Ѓорче Петров е планот на Љупчо Јаневски. Според него, општината треба да се заштити од лошо урбано планирање и да се направи примамливо место за луѓето да се доселуваат и додава: „Не ние да одиме на кафе од Влае натаму, туку тие да ни дојдат во Ѓорче“.
„Треба да се вложува во администрацијата, треба да се едуцира, треба што повеќе да генерираме млади луѓе кои ќе се ангажирани. Една од моите мисии во однос на инвеститорите кои ќе одлучат да инвестираат е 80 отсто од вработените да бидат од Ѓорче. Општината треба да учи бидејќи таа треба да се надградува со тимови кои ќе работат на меѓугранични проекти, проекти од Светска банка, ЕУ, проекти кои ќе донесат дополнителни средства во општината. Ние одлично ќе се бориме за Ѓорче. Велиме дека сите сме тука за Ѓорче. Доста се 30 години. Ако сакаме велосипед – од Влае натаму, ако сакаме маратон до Влае па да се враќаат назад, ако сакаме кафе – од Влае натаму. Ајде да работиме за Ѓорче. За сè има решение. Мое – твое, лево-десно, наше-ваше, доста е. За еден мандат може да се реши проблемот со депонијата во Ново Село“, рече Јаневски.
Сашо Панговски смета дека иста невладина организација ги тренира ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да победат на избори и затоа во Ѓорче Петров ништо не се решава. Тој посочи дека во неговата програма има проекти, а за дел од нив не треба да се потроши ниту денар за да се реализираат.
„Не се проблем парите. Проблем е коалицијата на Мицкоски и Заев, кои го јадат колбасот на маса, најверојатно печен на контејнерите пред црквата во Ѓорче. Како што гледате, ова се среќни луѓе. Тие се среќни затоа што си помагаат едни со други. Тој бил 5 години во совет, другиот бил 4 години градоначалник, едниот должи 5 милиони, другиот должи 3 милиони. Заедничката нишка е што овие двајца луѓе од ДПНЕ и СДС одговараат на Мицкоски и Заев. Кога едниот или другиот ќе дојде на власт, целиот буџет на општината оди во раздолжување на мандатот“, рече Панговски од ТМРО.
Според Александар Димитријевиќ од Левица, Ѓорче е најдобрата општина која може некој градоначалник да ја добие за работа. За него, штета е идниот градоначалник да ја пропушти можноста да ја направи општината најдобра во Скопје.
„Ние не сме против градење, туку да има планско. Да видиме кој дел од Ѓорче како може да се развива. Многу поважно е точка еден од програмата да се замени со точка два. А точка еден да биде освестување на граѓаните во Ѓорче, кои ќе имаат верба во општината, кои ќе имаат надеж дека во Ѓорче може да владее правото. Како ќе носиме инвеститори кога администрацијата е на најниското ниво од сите општини. Сакам да дадам свесност, односно визија за Ѓорче како тоа може да се рашири, како да се искористат тие индустриски зони кои многу слабо функционираат. Ѓорче има природа која ја немаат другите општини. 30 години се префрла топката, вие сте криви, па вие сте криви. Локалната самоуправа е држава во мало. Префрлањето на топката за комуналните проблеми мора да е минато. За комунални проблеми да нема решение во 21 век, треба да ја дадеме општината на друг да ни ја води“, рече Димитријевиќ од „Левица“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски: Граничната полиција со зголемена откривачка активност при спречување на обидите за илегални преминувања

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и шефот на кабинет Митко Бојмацалиев, вечерва во Демир Капија оствари работна средба со полициските службеници од пунктот за борба со илегалната миграција и криумчарење мигранти во кој работат и делуваат полициски службеници од повеќе од организациски единици во склоп на оперативната акција „Рефлекс“.
„Со денешнава посета ја почнуваме серијата средби со полициските службеници на терен, каде што на лице место во работна атмосфера, директно на терен ќе имаме можност да посведочиме како се остваруваат задачите и плановите со цел да утврдиме што им е неопходно од опрема, процеси и организација за поефикасно извршување на работните задачи, поефикасна борба со сите видови криминал, борба со корупцијата а со тоа гарантирање на безбедноста на сите граѓани.“, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски рече дека од голема важност е потпишувањето на Статус договорот со Фронтекс и распоредувањето на нивни полициски службеници на границите на нашата држава, и дека во текот на 2023 година, продолжува спроведувањето на заеднички мешовити патроли со странските полициски службеници од осум земји во рамки на активноста на ИОМ од 2015 година. Илегалната миграција е актуелна тема што во голема мера влијае врз безбедносната состојба на државата, еден од стратешките приоритети на министерството за кој во континуитет се преземаат мерки во делот на справување со истата. „ За 2022 година, граничната полиција имаше зголемена откривачка активност од 31,2% при спречување на обидите за илегални преминувања. На границите со соседните земји спречени се 27.391 обиди за илегални преминувања. Јужната граница сеуште е клучна точка за влез на мигрантите и нивно натамошно движење, што се огледа и во бројот на спречени обиди на границата со Република Грција- 24.965, каде е забележано зголемување на обидите за 35,5%.“, презентираше дел од резултатите во борбата со миграцијата министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека со зголеменото присуство на илегални мигранти на нашите граници, зајакната е и оперативната активност на полицијата на стратешко и регионално ниво што бележи откриени 107 случаи во 2022 година, што претставува зголемување за 68.2%, а бројот на спречени мигранти за речиси 80%. Најголем број од случаите 73% се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар „Југ“ чија ефикасност во делувањето се должи на заедничкото делување на мешани патроли со странските полициски службеници од осум земји кои вршат засилен надзор на јужниот дел од државната граница.
Спасовски потенцираше дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава и изрази уверување дека ваквите активности на терен директно ќе влијаат врз унапредување на ефикасноста на сите организациски единици на полицијата со цел остварување на уште подобри резултати во обезбедување на мирот и безбедноста на граѓаните на државата.
Македонија
“Бомбашот” пријавил лажни бомби, завршија проверките

Лажни се пријавите за наводно поставени експлозивни направи во училишта, трговски центри и објекти во Скопје.
Министерството за внатрешни работи извести дека денес во 19.10 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 средни училишта и 5 други објекти во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Веднаш по добиените пријави, од полициските службеници беа преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа беа извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки.
Македонија
Владата го проблематизира приемот во ЕУ со национални омаловажувања, му рече Мицкоски на словенечкиот амбасадор

Фрустрациите и разочарувањето кај македонските граѓани е огромно, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски на средбата со амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан, кој ја завршува својата мисија во Македонија.
На состанокот се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, како и македонските евроинтеграции и постојаните условувања за Македонија.
Мицкоски потенцираше дека владата не испорачува решенија за проблемите на граѓаните, дополнително го проблематизира македонското пристапување кон ЕУ со национални омаловажувања, а народот е разочаран и поради драматичното ниво на корупција.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ исто така истакна дека по многу национални откажувања, на Македонија треба да и се даде шанса да стане дел од Европската унија, без непримерни барања и без национални уцени.
На средбата, Мицкоски му се заблагодари на амбасадорот за одличните билатерални односи и поддршката која Словенија ја дава на Македонија во многу области.