Македонија
30 лекари од јавното здравство ќе работат и во „Жан Митрев“, Клиниката отвора нови оддели

Клиниката „Жан Митрев“ денес претстави нови инвестиции во најсовремена опрема, нови оддели и дополнителна соработка со над 30 лекари. Последнава година инвестирани се дополнителни 5 милиони евра во врвна опрема за постојните и за новите оддели во Клиниката, ангажирани се доктори специјалисти од јавниот и од приватниот сектор и повратници од странство, кои веќе се дел од тимот на Клиниката.
„Се гордеам што денеска имаме Клиника што е реткост во регионот, со целосна дигитализација, нова технолошки најнапредна опрема и тим од доктори што се посветени на својата работа и експерти во својот домен на работа. Во последните неколку месеци склучивме договори за соработка со над 30 лекари, врвни специјалисти во своите области и успеавме Клиниката да ја ставиме на мапата во регионот како врвна болница во која сите услуги ги има на едно место“, објави доктор Жан Митрев, претставувајќи ги денеска своите соработници и одделите, кои се отворени во рамките на болницата.
Тој потенцира дека ги отвора вратите за сите доктори што сакаат да бидат дел од Клиниката и дека целиот процес е во интерес на пациентите, кои ќе имаат подобри услуги, се подигнуваат стандардите за тоа како треба да изгледа една клиника во Македонија, а во исто време го искористуваме целосниот капацитет на болницата. Имаме сè помалку врвни доктори, единствено може да се здружиме и заеднички да понудиме врвна медицинска услуга.
Клиниката вложи во комплетно нов технолошки понапреден мониторинг-систем, нов коронарограф, како и врвен микроскоп за изведување операции во делот на неврохирургијата. Се отвора нов STROKE-центар за мозочни удари и други состојба, центар за офтамологија во соработка со „Промедика офталмологија“, обезбеден е и нов апарат за 3Д-видеоторакоскопија за канцер на белите дробови.
Новоотворениот Центар за стоматологија е со современ, со нетипичен амбиент и со 24-часовна достапност, каде што се работи без болка, односно со целосна анестезија за деца и возрасни. Во Центарот за естетска дерматологија има проширување и надградување со нова апаратура (фотофајндер – скенирање на кожата на целото тело со мапирање бенки со вештачка интелигенција), хипербарна комора, нордлис-ласерска платформа 5 во 1. Во абдоминалната хирургија набавен е нов апарат за 4К-ендоскопска технологија за најпрецизна видливост, а кај васкуларната хирургија се воведува радиофреквентната аблација, најсовремена метода за третман на вени. Во Клиниката е набавена апаратура за спроведување минимално инвазивни зафати за решавање дискусхернии, без операција, под ангиограф.
За медицинскиот директор на Клиниката, д-р Емил Стоицовски, важно е што тимот се збогатува и се прошируваат услугите. „Имаме соработка со над 30 доктори од јавното здравство, а дел од тимот стануваат и медицински лица – доктори и сестри, кои се враќаат од странство за да останат во Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.
Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Денес сончево со ветер, од утре повторно температурата во постепен пораст

Управата за хидрометеорологија (УХМР) за денес прогнозира претежно сончево време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе достигнува брзина од 60км/ч.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со постепен пораст на дневнaтa температура.