Македонија
Локалните избори распишани за 24 март

Претседателот на Собранието Трајко Вељановски во петокот потпиша решение за распишување на локалните избори за 24 март, на кои треба да се изберат нови градоначалници и нови членови на советите на општините.
Локалните избори ќе се одржат на 24 март, бидејќи вториот можен термин е на 31 март, кога е верскиот празник Велигден за граѓаните од католичка вероисповед.„Ги повикувам сите учесници во изборниот процес, своето однесување и постапки да ги раководат и усогласат исклучиво со одредбите од уставот и законите на најдостоинствен начин кој ќе овозможи континуитет во добивање на најпозитивни оценки за спроведување на овој исклучително значаен процес. Секој нов изборен процес треба да значи одржување и надградба на добиената позитивна оценка на претходниот. Да направиме максимални заложби Македонија да добие уште еди фер и демократски избори, заради остварување на стратешките евроатлантски определби“, рече Вељановски.Тој додаде дека треба да се испрати силна поддршка и повика дека на патот на сите предизвици заедно и сплотено имаме капацитет да се справиме со најчувствителните прашања и да се издигнеме и над тешките моменти. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.
Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.