Македонија
Полкот за специјални операции со вежба за војување во зимски услови на Попова Шапка
Спасување ранет во зимски услови, пренесување болен по снег во планина, преноќување во „мечкина дупка“, потрага по затрупани во лавина се дел од вежбите што војниците од баталјонот за специјални намени „Волци“ на АРМ, во соработка со американски војници ги изведоа во среда.
Вештините ги вежбаат на Попова Шапка, со цел подобрување на обученоста на декларираните тимови на Полкот за специјални операции за војување во зимски услови, а во среда ги покажаа пред министерот за одбрана Фатмир Бесими, пред началникот на Генералштабот, Горанчо Котески и заменик-амбасадорот на САД во Македонија, Брајан Агелер.
Покрај планираните четири вежби, Котески им нареди на војниците да влезат во приготвените мечкини дупки со полна опрема и во најбрзо време да тргнат во акција во полна борбена готовност.
Им забележа неколку ситници на кои не внимавале, како на пример за црните јажиња за спуштање на носилките, кои требало да бидат бели или скиите да се закопани потполно во снегот, а да им се гледаат само врвовите, додека војниците се во скривалиштата, но и дека пушката треба да им е во бела навлака.
И самиот влезе во едната „мечкина дупка“, каде во зависност од големината може да преспијат тројца до шест војници една вечер или да изградат игло, за останување повеќе од десет дена.
„Дојдовме да видиме како се одвиваат вежбите од страна на припадниците на АРМ, на Полкот за специјални операции заедно со специјалните единици на Армијата на САД. Ова е еден проект на поддршка и соработка со САД со кои имаме долгорочна соработка како стратешки партнер, на патот кон осовременување на АРМ, согласно највисоките стандарди на НАТО. Овие единици се пријавени за меѓународни мисии, каде АРМ ги има постигнато највисоките резултати“, рече министерот Бесими.
Началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески, појасни дека денешната вежба е дел од повеќето што ќе се одвиваат во 2013 година во соработка со Армијата на САД.
„Фокусот на вежбата е усовршување на припадниците на специјалните единици во делот на стекнување вештини на скијање, евакуација на повредени во зимски услови и други борбени дејства во зимски услови. Издадов дополнителна наредба вежбите да се изведуваат на целата територија на Македонија, со цел војниците да ја запознаат територијата, но и за да се воспостави подобра соработка меѓу институциите од различни краишта“, рече Котески.
„ЈСЕТ е програма за соработка на специјалните сили на Македонија и специјалните сили на САД. Ова е 11-та по ред обука што се организира во Македонија. Целта е да се разменат искуства, да се научат нови методи“, рече полковникот Павле Арсовски командант на специјалните сили.
Според Џон Хеген, командант на специјалните единици од Армијата на САД, овие подготовки ќе им помогнат на војниците за изведување на акциите во Авганистан, каде има многу планини.
„Како војници сакаме да научиме нешто повеќе од други војници. Ова е еден дел од обуката на вежби во зимски услови, а потоа продолжуваме на полигонот во Криволак, каде ќе се обучуваме за постапување во урбана средина“, рече Хеген.
Обуката меѓу армиите на Македонија и Соединетите американски држави се реализира во периодот од 1-ви до 28-ми февруари, и тоа на две локации. Првиот дел од обуката „Борба во зимски услови“ се реализира на Попова Шапка, во периодот од 4-ти до 8-ми февруари, а вториот дел од обуката „Индивидуална обука/ борба во урбана средина“, ќе се реализира на АП „Криволак“ од 11-ти до 22-ри февруари./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

