Македонија
Намалена видливост на повисоките места

Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по влажни коловози.
Од Авто-мото сојузот на Македонија со препорака до возачите за внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Намалена видливост поради појава на магла има на делниците кои минуваат долж речните текови, по мостовите и на повисоките места. Посебно да се внимава на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците каде можна е почеста појава на одрони, особено на патните правци Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија-Удово, Кочани-Делчево и Берово-Виница кои можат да го попречат движењето на возачите. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се на терен и редовно ги контролираат и одржуваат проодни сите патни правци. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата. крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почна изградбата на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога

Почна изградбата на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
Според премиерот, Христијан Мицкоски, овој граничен премин е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи – од едната и од другата страна на границата, а таквите примери се позитивни и за двете држави.
Во таа насока, како што рече Мицкоски, треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме, затоа што само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави.
„Што се однесува до самиот настан денес, јас покрај ова што денес го отпочнуваме, изградбата на овој граничен премин, сум и во Ресен, заедно со градоначалникот, заедно со луѓето од Ресен, да посетиме неколку проекти коишто се резултат од работата на администрацијата, на градоначалникот. Навистина импресивно, и даваме поддршка за сето ова коешто се случува. Инаку, што се однесува до техничките карактеристики, инвестицијата и сето останато поврзано со изградбата на овој граничен премин, ќе ми дозволите да се заблагодарам на Европската Унија, на УНДП, на општините коишто се опфатени-четири општини, две од Албанија, една од соседна Грција и една од кај нас Ресен, нормално“, изјави Мицкоски.
Тој очекува набргу од денес и свечено биде пуштен во употреба овој граничен премин.
Македонија
СДСМ: Дали министерот Лимани ќе биде разрешен по забраната за влез во САД

Иако тврди дека гради стабилни односи со САД, премиерот крие од јавноста дека неговиот министер, Фатмир Лимани, добил забрана за влез во Америка. Поради ова, тој бил принуден да ја откаже планираната посета, а Владата молчи за причините зад оваа драматична одлука, реагира СДСМ.
Од партијата велат дека ова отвора сериозни прашања за кредибилитетот на владините претставници и за политиката што ја води Мицкоски. Доколку тој навистина ужива поддршка од американската администрација, како што често тврди, сега е моментот да го докаже тоа со конкретни чекори. Во спротивно, неговата тишина само ќе потврди дека во Владата се толерираат контроверзни личности.
„Јавноста има право да знае: кои се причините поради кои Лимани е прогласен за непожелен во САД? Дали ова значи дека тој е вмешан во скандал што ја загрозува меѓународната репутација на земјата?
Мицкоски не може да остане без одговор. Доколку навистина е посветен на транспарентноста и партнерството со САД, мора веднаш да го разреши министерот Лимани. Секое одолговлекување само ќе покаже дека премиерот ја става партиската лојалност пред државните интереси.
Ги повикуваме Лимани и Мицкоски веднаш да излезат пред јавноста и да одговорат:
Зошто министерот има забрана за влез во САД?
Дали ќе биде разрешен или Владата ќе продолжи да го штити?
Ова не е случај што може да се премолчи“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Палевски првин ја прашал Вања кои ѝ се родители за да им испрати фотографии, потоа ја застрелал преку перниче, сведочеше Манев

Обвинетиот Велимир Манев сведочеше во судот за грабнувањето на Вања тврдејќи дека Љупчо Палевски-Палчо им покажувал фотографии од возрасна жена што требало да биде киднапирана, а во комуникација со него тие ја киднапирале 14-годишната Вања не знаејќи дека е дете.
Ја грабнале во влезот на зградата, ја врзале, ја ставиле во вреќа за спиење, која претходно ја зеле од канцеларија и ја ставиле во багажникот.
„Стигнавме до местото Дупки и го отворивме багажникот. Палчо ја праша како се вика, кои ѝ се татко, мајка, од каде е и кога дозна, ни рече да ја извадиме надвор од автомобилот за да ја фотографира и да може да им ги прати на родителите и на фамилијата. Ја извадивме, ја откопчавме вреќата за спиење и кога го тргнав салотејпот, тогаш видов дека тоа е дете, а не жена. Веднаш му рековме јас и Влатко, бевме до него, ова е некоја грешка, дека треба да го вратиме назад девојчето и бидејќи сме под маски, никого не видела, да ја ослободиме. Палчо повторно почна да ми кажува да прекинам, дека јас ништо не знам, сѐ е чисто“, сведочеше Манев.
Потоа им рекол дека првичната сума што им ја понудил за грабнувањето нема да може да се земе и дека таа ќе биде помала.
„Се свртев да гледам кон лозјата, бидејќи беа некои запуштени лозја, кон напуштените соби за да видам во која од собите да ја внесеме. Додека пријдов и гледав. Палевски му пријде на детето со пиштолот и со перниче во раката ѝ го испука куршумот преку него и јас повторно бев надвор од себе. Се врати Палчо до пикапот и од него извади копач и лопата, нови неупотребени. Ги фрли пред нас и нареди да ископаме дупка за да се закопа детето“, сведочеше Манев.
Палчо им наредил да закопуваат, а Манев тврди дека плачел. Потоа Палевски го запалил автомобилот на Панче Жежовски.
Тој рече и дека бил натеран со тепање од полициски инспектори да каже дека Љупчо Палевски бил во комуникација со таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.