Македонија
Оддадена почит на гробот на претседателот Трајковски
Владина делегација составена од вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за одбрана Талат Џафери и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во вторникот оддадоа почит на гробот на некогашниот македонски претседател Борис Трајковски, кој пред девет години загина во авионска несреќа во Босна и Херцеговина.
Воедно, венец на гробот на Трајковски положи и делегација од Армијата на Република Македонија.
Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев, пак, како дел од поширока делегација од државата, во вторникот положи венец на спомен-обележјето во месноста Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.
Во состав на владината делегација за оддавање почит во Босна и Херцеговина, од Министерството за одбрана и од АРМ, покрај заменикот-министер за одбрана, Димитриев е и директорот на Генералштабот на АРМ, бригадниот генерал Димче Петровски. Воедно на спомен-обележјето цвеќе положи и државна делегација на Босна и Херцеговина, медицинскиот тим на АРМ, кој е дел од операцијата АЛТЕА, делегација од градот Мостар, дипломатскиот кор во БиХ како и Здружението на Македонци во БиХ.
Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година, во авионска несреќа во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар.
Во несреќата покрај претседателот Трајковски загинаа и Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на Претседателот, Миле Крстевски од МНР, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето на претседателот како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Претседателот Трајковски помеѓу останатото цврсто веруваше во придонесот кој секоја индивидуа може да го даде за развојот на Република Македонија, а тоа може да се увиди и преку неговата позната мисла: „Сите ние споделуваме една иста судбина наречена Македонија”.
Во текот на денешниот ден, заменик-министерот Димитриев оствари и повеќе средби меѓу кои и со командантот на ЕУФОР, генерал мајор Дитер Хеидекер со кого разменија мислења за придонесот на Република Македонија во рамките на операцијата АЛТЕА, како и за иднината и перспективите за операцијата во Босна и Херцеговина. На средбата беше потврдена и подготвеноста на Македонија за понатамошен придонес во рамките на меѓународните мировни мисии, меѓу кои и во АЛТЕА во БиХ.
Дополнително, заменик-министерот за одбрана ги посети и припадниците на Армијата на Република Македонија кои во моментов се дел од АЛТЕА (11 припадници- медицински персонал и 1 помошник- правен советник во командата на ЕУФОР), додека положи и свежо цвеќе на споменикот на загинатите припадници на АРМ, дел од операцијата АЛТЕА, во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце на 12 јануари 2008 година. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

