Македонија
Уставниот суд на подготвителна седница ќе расправа за Законот за лустрација
Уставниот суд по еден и пол час расправа со мнозинство гласови одлучи на подготвителна седница да расправа за оспорениот Закон за лустрација и оспорените одредби во него.
Според непишаните правила на Уставниот суд, подготвителната седница треба да биде закажана за околу два месеца, а редовната на која треба да се одлучува за Законот, ќе се одржи по два месеца од подготвителната седница, што значи судбината на Законот би требало да се знае за околу четири месеци.
На подготвителната седница ќе бидат повикани предлагачите на Законот, стручната и експертската јавност.
Претседателот на Уставниот суд, Бранко Наумовски предложи донесување на времена мерка со која би се стопирало спроведувањето на Законот за лустрација сè до донесување на конечната одлука, но мнозинството судии го отфрлија овој предлог.
Законот за лустрација се оспорува по трет пат пред Уставниот суд. За најновиот Закон до судот пристигнале три иницијативи, од Александар Петрушевски, Хелсиншкиот комитет и група граѓани меѓу кои пензионерот Стамен Филипов.
Тие го оспоруваат временскиот опфат на Законот, односно тој да го опфаќа периодот од 2 август 1944 година до 2006 година, кога стапи на сила Законот за слободен пристап до информациите.
За поднесувачите на иницијативите е спорно зошто овој Закон важи и по донесувањето на Уставот на Македонија, на 17 ноември 1991 година, со кој Македонија се декларира како демократска земја.
Го оспоруваат делот од Законот, според кој треба да се лустрираат и лица кои не се дел од државната власт и не одлучуваат за човековите слободи и права, како адвокатите, медијаторите, верските лица, политичките партии.
За нив е спорно и тоа дали Комисијата за верификација на фактите и субјектот кој е предмет на обработка имаат исти оружја при изведувањето на фактите, во случај кога Комисијата се обраќа до четири државни институции за да ги утврди фактите.
Иницијаторите го поставуваат и прашањето дали има уставна основа, имињата на соработниците на тајните служби да се објавуваат јавно, сè додека за нивната соработка не се изјасни Управниот суд./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

