Македонија
Внимателно возење поради снежните врнежи на превоите
Според најновите информации добиени од АМСМ од јавното претпријатие „Македонија пат”, сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива тековно во зимски услови, на места по влажни коловози, слаби врнежи од снег има на планинските превои Ѓавато и Крушево, но поради засега слабиот интензитет не претставуваат никаков проблем за одвивање на сообраќајот.
Патниот правец Р-1103 Неготино-Радовиш односно Неготино – Штип преку Лакавица, мост број 9, преку реката Вардар, кој беше затворен за тешки товарни возила поради деформација, оштетување на мостот, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци и е пренасочен преку Криволак, патниот правец Неготино-Криволак-Пепелиште. и тоа само за лесни возила.
Забраната за тешки товарни возила на тој патен правец сé уште е на сила. Одлуката беше донесена од комисија составена од претставници на јавните претпријатија „Државни патишта, „Македонија пат”, како и од стручни лица од Градежниот факултет и од Институтот за патишта и сообраќајната полиција.
Зголемена внимателност на учесниците во сообраќајот е потребна и на патниот правец Демир Капија – Удово, кај тунелите на Демир Капија, каде што се изведуваат градежни работи на пат. Како предупредување поставено е светлечка сообраќајна сигнализација (семафори) која го регулира сообраќајот. Можни се повремени куси застои во одвивањето на сообраќајот на тој дел од патот.
Од Автомото сојузот на Македонија препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Дежурните екипи на „Македонија пат” се на теренот и редовно ги контролираат и одржуваат проодни сите патни правци.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
Инаку, денеска, 15-ти март, завршува законската обврска за поседување на зимска опрема во возилата, меѓутоа имајќи ги предвид временските прилики, најверојатно та ќе биде потребна најмалку уште викендов./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.
Македонија
Михајлов: Со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти во рамки на „Еразмус +“
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска ги презентираше резултатите од спроведувањето на програмите на Европската унија „Еразмус +“ и „Европски солидарен корпус“ во 2025 година. Податоците покажуваат 95% искористеност на расположливиот буџет и успешна имплементација на бројни проекти за вмрежување на корисници од Македонија со партнери од други европски земји.
В.д. директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, информираше годинава со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти со кои, пак, опфатени се 2079 корисници.
„Најголем дел од проектите се однесуваат на хоризонтални приоритети, нови методи на учење и работа, вештини и компетенции за дигитална писменост, инклузија и ментално здравје. Проектите се реализираа во соработка со партнери од земјите од регионот, но и од Франција, Белгија, Австрија, Португалија, Полска, Финска, Германија и други“, рече Михајлов.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска изрази благодарност до сите кои се заложија да изработат проекти за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот.
„Финансирани се квалитетни и корисни проекти и јас ги повикувам досегашните корисници да ги задржат интересот и заложбата на исто ниво и следната повторно да аплицираат за поддршка преку овие програми, кои се исклучително значајна компонента на севкупната национална стратегија за интеграција на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор“, рече Ивановска.
Информираше дека буџетот за следната година достапен преку овие две програми, ќе биде најголем досега и ќе изнесува над 8,17 милиони евра, односно за 430 илјади евра повеќе од 2025.
„Очекувам од Националната агенција да ги интензивира активностите за запознавање и на што повеќе нови, потенцијални корисници низ државата – ученици, студенти, наставно – научни работници, истражувачи, образовни институции, компании, граѓански здруженија, волонтери, младински работници и така натаму, а Министерството за образование и наука како национален авторитет за програмите, ќе помогне во тоа. Важно е да има промотивни теренски кампањи во соработка со локалните самоуправи, да има отворени инфо денови, конференции, медиумски кампањи и така натаму, бидејќи и Европската унија сосема разбирливо очекува висока транспарентност и голема инклузивност“, рече Ивановска.
На конференцијата позитивни практики од реализирани проекти презентираа Филозофскиот факултет во Скопје, средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, Карате федерацијата на Македонија, Сојузот за младинска работа, Здружение за развој на ромската заедница „Сумнал“ и други корисници на средства во рамки на програмите.

