Македонија
Груевски ја нагласи важноста на зоната Жабени за населението во цела Пелагонија
Индустриската зона Жабени крај Битола наскоро ќе создаде многу работни места за населението од целата најјужна област во земјата Пелагонија, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во сабота при посетата на зоната и фабриката за автомобилски делови на германскиот производител „Kromberg & Schubert“, придружуван од актуелниот градоначалник на Битола и кандидат за уште еден мандат, Владимир Талески
Премиерот Никола Груевски притоа за медиумите изјави дека во разговорите со раководството на фабриката му било пренесено нивното задоволство зашто условите за бизнис во Македонија и квалитетот на работната сила се над нивните очекувања.
Во моментов работат за „БМВ“ и за „Миниморис“, следниот нивни купувач е „Ауди“, како и други меѓународни брендови во автомобилската индустрија. Веќе се извезува во Темишвар, Романија, а има договорен извоз и за Словачка и за други држави.
„Работата тргна и мене ми е мило што тоа е така… Имав можност првпат да ја видам зградата во која веќе се произведува и каде се вработени над 300 луѓе, а се планира до крајот на годината да се вработат над илјада. Согласно со нивниот план, во наредните две до две ипол години бројот треба да достигне до 2.500 директни вработувања. Секогаш кога има директни има и голем број индиректни вработувања“, рече Груевски и додаде дека очекува оти задоволството на германскиот инвеститор ќе биде добра препорака за други компании кои во иднина ќе доаѓаат со намера да вложат во Македонија.
Дополни дека за изградбата на индустриската зона Жабени треба да му се честита на битолскиот градоначалник Владимир Талески, зашто, како што потенцираше, овој проект бил еден од неговите најдобри чекори.
„Веројатно тоа ќе биде еден од неговите најголеми проекти во неговиот сегашен и иден мандат. Се работи за многу крупен и многу значаен проект за Битола и за целиот пелагониски регион. Досега се продадени 32 локации на кои ќе се градат погони. Колку и да вработуваат луѓе, нека бидат и по сто, сепак, тоа ќе бидат голем број вработувања. Затоа мислам дека беше одличен потегот кога се одлучивме со градоначалникот Талески да се инвестира тука, да се донесе инфраструктура, да се дозволи почетна цена на земјиштето од едно евро за квадрат, но најважно е да се изградат фабриките и да се вработат луѓето“, рече Груевски.
Посочи и на други зацртани проекти на локалната самоуправа во идните четири години кои се од значење за Битола – проектот топлификација кој е во напредна фаза. Завршена е физибилити-студијата, по која ќе следува изработка на проектот, а потоа и изведбата. Најави и реконструкција на железничката пруга кон Грција што ќе почне идната година и која, главно, ќе се финансира од ИПА-фондовите.
Градоначалникот на Битола Владимир Талески од своја страна рече дека индустриската зона Жабени е резултат на континуитетот во соработката со Владата и најави дека веќе следната седмица ќе има нови 40 вработувања во фабриката „на германскиот производител, со што вкупниот број засега ќе достигне 400 нововработени. Очекува наскоро да почне изградба на уште две фабрики во оваа индустриска зона и посочи дека пет други одобренија за градба се во постапка.
„Индустриската зона Жабени беше голема идеја, една проекција која звучеше нереално во прв момент и бевме необјективно напаѓани… Континуитетот на соработката меѓу локалната самоуправа и Владата овозможи еден ваков бренд, ваков гигант каков што е ’Kromberg & Schubert’, да види бел ден овде, во срцето на Пелагонија“, рече Талески./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

