Македонија
Фокус: Црвенковски барал бугарски пасош?
Поранешниот претседател и актуелен лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Бранко Црвенковски започнал постапка за добивање бугарско државјанство, пишува бугарската новинска агенција Фокус, која се пошегува за 1 април Денот на шегата на сметка на Црвенковски и со колегите од Македонија кои ја пренесоа веста.
СДСМ во врска со веста испрати дури и писмена реакција во којашто ги демантира тврдењата на бугарската агенција и вели дека се чиста измислица и манипулација.
Според агенцијата, Црвенковски поднел документи за бугарско државјанство уште во 2011 година, на крајот на претседателскиот мандат на тогашниот претседател на Бугарија, Георги Парванов, со кој според агенцијата, биле блиски пријатели не само по партиска линија.
Со промената на претседателската администрација и крајот на мандатот на Ангел Марин како потпретседател и директно задолжен за издавање на инструкции, давањето на државјанство на Црвенковски било успорено.
Во последниве месеци, по настаните во македонскиот парламент на 24 декември минатата година, посредниците кои ги ангажирал Црвенковски во Бугарија почнале да инсистираат да се забрза постапката за добивање на бугарско државјанство.
„Се очекува македонскиот политичар да добие државјанство до крајот на годината, иако обичните граѓани чекаат повеќе од две години Во документите на Бранко Црвенковски, како основа за барањето на државјанство е утврдено правото на потекло“,, пишува агенцијата.
Според агенцијата,барањето на бугарско државјанство од Црвенковски е опција за заштита на Црвенковски од режимот на актуелниот премиер Никола Груевски.
Божидар Димитров, директор на Националниот историски музеј се чуди како досега Црвенковски немал бугарско државјанство бидејќи, според него, многу негови соработници веќе имале.
Од СДСМ очекуваат бугарската новинската агенција „Фокус“ да прецизира дали се работи за некаква шега или за вистинита изјава, со оглед на фактот дека денес е први април, денот на шегата.
„Доколку станува збор за вистинска изјава на Божидар Димитров, согласно сите новинарски стандарди и објективно информирање на јавноста, сметаме дека пред нејзиното објавување ќе беше логично да побараат став од СДСМ. На ваков начин, македонската јавност добива впечаток дека или Божидар Димитров или бугарската новинска агенција се вклучиле во кампањата за локалните избори во Македонија. Без разлика, земајќи предвид дека режимските мегафони веднаш ќе сакаат и ова да го злоупотребат за дневно-политички маркетинг, сметаме дека е неопходно јасно и недвосмислено да ги демантираме наводите кои ги објави бугарски „Фокус“ кои се чиста измислица и манипулација“ се вели во реакцијата на партијата.
Кога агенцијата откри дека се работи само за шега, напиша дека тринаесетта година по ред се пошегувале со омилената нивна тема, Македонија.
„ Бидејќи сме многу блиски, па дури и роднини, се надеваме и “жртвите” и оние кои ги доведовме во заблуда нема да ни се налутат. Почитуваниот македонски политичар и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски засега не побарал бугарски пасош од нас.Чудно зошто во Македонија поседувањето на бугарски пасош е во состојба да предизвика возбуда. Така не е со прашањето за државјанство на Австралија, Албанија, Косово, Србија, Швајцарија и друга држава“ пишува Фокус./крај/фокус
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

