Македонија
Облачно време со локален дожд

Метеоролозите за вторник предвидуваат променливо облачно со повремен локален дожд и ретки грмежи, особено во западните делови.
Дневните температури ќе се движат од 13 до 23 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината облачно со повремен локален дожд и највисока дневна температура од 21 степен. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Семејствата на повредените кои се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите на неколку ученички и студентски домови

Министерството за образование и наука информира дека семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментов се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите за сместување и исхрана на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина Карпош, студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Партенија Зографски“ исто така во Гази Баба, како и на ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“ во Кисела Вода.
„Во овие моменти на заедничка жалост да се здружиме и заеднички да покажеме колку сме хумани. Секој кој може на каков било начин да помогне, да го стори тоа, затоа што така на најдобар начин ја покажуваме почитта кон оние што ги погоди оваа голема трагедија.
Длабоко сочувство до семејствата на починатите, Бог да им даде сила да ги издржат овие тажни моменти. На повредените млади луѓе им посакуваме што поскоро закрепнување. Како Министерството, подготвени сме да пружиме поддршка таму каде што е потребно“, велат од МОН.
Македонија
Директорот на Центарот за култура во Штип и член на бендот на „ДНК“ загина во пожарот во Кочани

Музичарот Филип Стевановски од Куманово и член на бендот на „ДНК“, загина во пожарот во Кочани.
Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.
Филип Стевановски беше неодамна назначен и за директор на Центарот за култура во Штип.
„Со длабока тага и неверување ја споделуваме веста дека нашиот раководител Филип Стевановски трагично го загуби животот во несреќниот настан во Кочани. Иако беше со нас неполни два месеци, неговата посветеност, професионалност и човечност оставија неизбришлива трага во нашиот тим.
Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите кои го познаваа. Нека почива во мир“, напишаа од Центарот за култура во Штип.
Македонија
Герасимовски: Семејствата и блиските на повредените можат бесплатно да се сместат во скопските хотели

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје.
„Семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Ја поздравувам иницијативата што ја реализираат скопските хотели за бесплатно сместување. Во овие тешки моменти најважни се солидарноста и поддршката од сите, да им помогнеме на нивните родители, фамилии, пријатели колку што можеме повеќе! Граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120”, истакнува Герасимовски.