Македонија
Покрената кривична постапка против возачот на автобусот кој излета кај Будимпешта
Унгарските власти покренаа кривична постапка против возачот на автобусот полн со македонски државјани, којшто ноќеска излета од патот во близина на Будимпешта.
Како што информираат од МНР, против возачот покрената е кривична постапка поради несовесно предизвикување на несреќа со повеќе повредени. Од МНР не ја соопштуваат причината за несреќата, но како што јавуваат унгарските медиуми, возачот најверојатно заспал.
Еден од патниците во автобусот е во животна опасност, а осум од патниците се потешко повредени.
Ова се информации кои им ги испратиле унгарските власти на македонското министерство за надворешни работи за здравствената состојба на патниците, македонски државјани, кои беа повредени во несреќата.
Но од МНР велат дека овие податоци за здравствената состојба биле констатирани синоќа кога патниците биле примени во болниците во Татабања и во Ѓер и дека здравствената состојба најверојатно досега е сменета.
Македонскиот амбасадор во Унгарија Дарко Ангелов наскоро се очекува да ги посети патниците сместени во болницата Татабања, каде се наоѓа и критичниот пациент и да го информира министерството каква е неговата здравствена состојба.
Амбасадорот веќе бил во болницата во Ѓер, каде биле сместени патниците кои биле полесно повредени.
Девет од патниците се пуштени од болница и чекаат да им биде организиран превоз за Скопје, а двајца продолжиле за Прага.
Претходно од агенцијата „Тото“ со чиј автобус се превезувале патниците изјавија дека никој од пациентите не е во животна опасност.
МНР добиле и записник од местото на несреќата и според него, сообраќајката се случила во 1.05 часот на автопатот М1. Автобусот излетал од патот и завршил во ендек во близина на автопатот.
Во автобусот од вкупно 28 патници, 21 биле македонски државјани, четворица биле од Чешка и тројца од Бугарија. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

