Македонија
Јанкулоска: Нема да дозволиме варварски да бидат збришани спомениците на бранителите
Изминатата година полицајците беа омалаважувани, изложени на агресија и провокации, но не потклекнаа на провокациите и не беа вовлечени во насилни сценарија, порача министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во својот говор по повод Денот на полицијата, 7-ми мај.
Таа се обрати до опозицијата и порача дека нема да дозволат децата, сопругите и мајките на нашите колеги што ги жртвуваа животите во 2001 година да бидат сведоци како некој варварски се обидува да ги збрише паметниците на нивната жртва
„Инструментализирани самонаречени невладини организации или политичари, ниту имаат, ниту ќе имаат мандат личните фрустрации да ги лечат со уривање. Тоа што не можат да ја видат големината на спомениците на бранителите, на Гоце, Даме или останатите великани кои се жртвуваа за Македонија, само говори колку се тие мали. Затоа на овој ден, во мое лично име и во име на вработените во Министерството за внатрешни работи сакам да им порачам дека тоа што самите не успеале нешто да изградат или да остават трага во историјата на земјава, не им дава право да ги уништуваат сеќавањата на оние кои со крв ги запишале своите имиња. Нема да дозволиме децата, сопругите и мајките на нашите колеги што ги жртвуваа животите во 2001 година да бидат сведоци како некој варварски се обидува да ги збрише паметниците на нивната жртва“ рече Јанкулоска.
Во својот говор таа го спомена и 24 декември, денот кога се донесе Буџетот и кога опозицијата и новинарите беа исфрлени од Собранието.
„На 24 декември полициските службеници беа омаловажувани и изложени на агресија пред законодавниот дом, но не дозволија да бидат вовлечени во насилни сценарија. Во Полициската станица Штип беа напаѓани, туркани и навредувани и повторно не потклекнаа на провокациите. Покажаа дека вистинската сила е во законот и во одбрана на интересите на граѓаните. За жал потценувањето на униформата и секојдневниот ризик на кои се изложени полициските службеници не запре тука. Се обидоа да ги деградираат припадниците на безбедносните сили, враќањето на Јохан Тарчуловски, а деновиве повторно го актуелизираат и рушењето и дислоцирањето на спомениците на сите бранители и херои на Македонија“ додаде Јанкулоска.
Јанкулоска ги пофали полицајците и за нивната професионалност за време на изборите. „Една од најобемните задачи која заслужува и мора да биде издвоена е улогата на министерството во изборниот процес. Уште еднаш сакам да нагласам дека огромно признание заслужуваат сите полициски службеници кои учествуваа и во обезбедувањето на локалните избори. Со својот професионален ангажман не дозволија вољата на граѓаните да биде узурпирана, разобличувајќи ги сите манипулации и обиди за фрлање дамка врз изборите. Резултатот на огромното залагање беше оцената дека имавме фер, демократски, конкурентни и ефикасно спроведени избори на кои победија граѓаните“ рече Јанкулоска.
Изминатата година регистрирани биле 110 кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. Според статистиката на МВР, минатата година се намалил бројот на убиства во земјава. Се случиле 26 убиства, стапка која е најниско ниво од самостојноста на Македонија, а регистрирани биле и 20 отсто помалку разбојништва.
Двојно биле зголемени заедничките операции во кои биле откриени меѓународни канали за криумчарење дрога. Била запленета дрога тешка околу еден тон вредна над 25 милиони евра. Во делот на економскиот криминалитет биле регистрирани 704 дела.
Делагација на МВР утрово положи цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на МВР и на споменикот пред зградата на Граничната полиција во МВР како и пред споменикот на бранителите во паркот Жена-борец.
Претседателот Ѓорге Иванов постхумно ќе им додели медали за храброст на семејствата на 32 загинати припадници на МВР кои загинаа во конфликтот во 2001 година./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

