Македонија
31 процент од населението над 18 години во државата примило прва доза вакцина
Заклучно со 1 август, со една доза вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 31 % од населението над 18-годишна возраст. Кај лицата над 50-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6 %, кај лицата над 60-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 %, а кај лицата над 70 години изнесува 64,9 %.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани, по главниот град Скопје – 159.514, има во Битола – 35.067, со примена прва доза и во Тетово вкупно 31.007 граѓани. Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, а во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите, соопшти Министерството за здравство.
Од оваа институција нагласуваат дека вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава.
Посочуваат дека во тек е вакцинација во постојните вакцинални пунктови во државата, каде што граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на целата држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба.
„Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга. Вакцини има доволно и тие се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат. Апелираме на што поголема заинтересираност и во периодот што следува. Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме негово понатамошно ширење во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта-сојот“, потенцираат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Силјановска: Ќе бидам претседателка на сите граѓани, не е време за поделби и триумфализам
Тврдам дека, од овој момент, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите. Нема да заборавам на разноликоста, изјави Гордана Силјановска Давкова во првото обраќање по победата на претседателските избори.
„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.
Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива.
„Не сум ги убедувала граѓаните дека сум најдобриот избор, најумна, оставив изборот да го направат тие. Мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема инспирација од тоа жена да стане претседател. Со мене, кога ќе се опкружам со жени сличнин на мене, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“, рече Давкова.
Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок. Како што рече, немала многу време да го следи говорот на нејзиниот опонент Стево Пендаровски, но фатила неколку инсерти, и смета дека критиката на бојкотот на ДУИ и на обидот да се киднапира избирачкото право, да се одземе нивното избирачко право или да се диригира е добра констатација.
Давкова изјави дека не се согласува со тезата дека гласовите ги добила поради национализам, напротив, вели таа, во тимот имала Албанци, Турци, Роми и ќе ги вклучи во кабинетот. Тоа се луѓе кои зад себе имаат образование и докторати и тоа за неа е суштинскиот елемент, а потоа е припадноста.
Силјановска изјави дека не знае дали противкандидатот Пендаровски ѝ честитал победа, бидејќи си го заборавила мобилниот телефон дома.
Според резултатите од Државната изборна комисија (ДИК) од 80,37% преброени гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83% , а Пендаровски освои 198.288 или 29,24%
Македонија
(Видео) Ковачевски му честита на Мицкоски: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски и изборот на Гордана Силјановска Давкова како иден претседател.
Тој се заблагодари на Стево Пендаровски и поддржувачите на СДСМ.
„СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати“, рече Ковачевски.
– Не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници, додаде Ковачевски и кажа дека тој и партиското раководство имаат одговорност, сите именувани и избрани функционери, како и сите партиски функционери на локално ниво и на централно ниво.
Тој повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.
Македонија
Пендаровски: Резултатите се јасни, им честитам на победниците
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на прес-конференција вечерва кажа дека резултатите се јасни и им честита на победниците.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги разлагам. Согласно резултатите досега им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од тесно партиски и лични политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.
„Мојот личен рејтинг ми даде за право да имам надеж дека можам да бидам рамноправен натпреварувач во оваа трка. Ова што денеска се случи значајно ми ги одзеде шансите да бидам рамноправен натпреварувач. Стотици илјади наши граѓани беа оневозможувани, на систематски, плански, организиран начин да земат второ ливче. Јас сум убеден дека оние 330 илјади гласови од петте кандидати кои отпаднаа од првиот круг се далеку поблиску до мојот политички концепт отколку до концептот кој го заговараше противкандидатката. Направија таква калкулација и на организиран начин ги спречија луѓето да гласаат. Со тие претпоставени гласови трката ќе беше далеку понеизвесна“, додаде Пендаровски.
Тој се заблагодари на сите учесници во изборниот процес и на медиумите за соработката изминатите пет години.