Македонија
Алиу: Не сте сите, не сте цели … голи сте
Седум, осум милиони Албанци од регионот се навредени од постапката на Македонија на Самитот на претседателите на парламенти од југоисточна Европа и претседатели и шефови на влади во Охрид, што не беа поканети спикерот на косовскиот парламент, Јакуп Красниќи и Атифете Јахјага, претседателката на Косово, обвини Имер Алиу од опозициската ДПА.
Алиу говорејќи на редовната седница за пратенички прашања во Собранието, постави три прашања до потпретседателката на парламентот Сузана Салиу од владејачката ДУИ, што презела таа како претставник на Албанците да не се случи тоа, до спикерот Трајко Вељаноски, зошто не го поканил неговиот колега Красниќи и до премиерот Никола Груевски, кого го обвини дека претседателот Ѓорѓе Иванов „е негов пион“, зашто тој го откажал самит во Охрид.
„Зошто се откажа Самитот. Требаше да се одржи самитот со Никола Груевски, Али Ахмети, Томислав Николиќ и Ивица Дачиќ. Ова е природната коалиција на оваа власт“, обвини Алиу.
Според него, немало оваа ситуација да биде некој голем хендикеп ако станувало збор за земја во која живеат граѓани кои ги нема како малцинство во Македонија, но вака смета дека Македонија се засрамила пред Европа и пред светот.
„Од овој аспект требаше да биде поканета и претседателката на Косово, но вие се наредивте во редот на просрпските политики, односно антиалбански политики. Никој не излезе да каже дека вината е на ДУИ, ДУИ не знае да ги претставува Албанците тука. По Грција, Бугарија, сега Албанија и Хрватска, останавте сами. Ова е земја без перспектива“, рече Алиу.
Претседателот на Собранието, Вељаноски објасни дека Процесот на земјите од Југоисточна Европа е организација и има постапка за прием на нови членки. Дека тоа се прави на самити на министри на надворешни работи, а новата членка треба да ја ратификува Букурештанската резолуција за добрососедство.
„Организацијата е целосна ако се вклучени сите. Максимата е ‘Ако не сме сите, не сме цели’“, појасни Вељаноски.
Според него, Самитот завршил извонредно успешно, со договорено формирање Парламентарно собрание што ќе се оформи и ратификува идната година во Букурешт.
„Не сте сите, не сте цели… не, не сте цели, голи сте. Луѓе, навистина е за жалење, ова е голема несреќа. Процесот за зачленување го слушнавме и од Ахмети кој се обиде да образложи зошто не е примено Косово. Проблемот е во политичката волја. Не е проблемот кај Груевски или кај вас, туку кај партијата што ги претставува Албанците.
Потпретседателката Сузана Салиу, рече дека прашањето е на место, дека е факт оти неучеството и непоканувањето на Красниќи и на претседастелката на Косово во Охрид не е пријатно за Албанците, но дека ќе одговори како таа реагирала писмено.
„Пратеникот има свои тези, што и да одговориме ќе остане на нив. Она што сакам да кажам е дека оваа организација каде членува Македонија е регионална и се одржува еднаш годишно во различна држава. Дневниот ред и поканите се испраќаат со консензус и може секоја земја да стави вето. Две земји го искористија тоа право, за Косово да не биде покането. Тоа не беше од Македонија, туку од тие две други земји кои не го кријат тоа“, рече Груевски.
Појасни дека подоцна следуваа откажувања од неколку претседатели, чија постапка не го одразува односот кон Македонија, туку кон оние кои го поставија ветото.
„Жалам што дојде до таква ситуација, но Македонија не беше во ситуација да направи ништо друго и правилна беше одлуката на Претседателот. Македонија е жртва, а исто ќе се случеше и ако во друга земја беше Самитот. Двете земји исто ќе ставеа вето, но се случи да биде во време на нашето претседателство. Интересите на други држави се случија, и постапката на Претседателот беше исправна“, рече Груевски.
Кога ќе се создадат услови ќе се одржи тој самит, а постапката на Македонија повторно не е однос на властите во Македонија кон некоја етничка заедница, вклучувајќи ја Албанската.
„Жалам што поради туѓи постапки Македонија да треба да се брани, Претседателот да се брани…“, заклучи премиерот Груевски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.

