Македонија
Новинарите бараат средба со претседателот на Кривичниот суд и слобода за Кежаровски
Новинарите, односно иницијативниот одбор за ослободување од притвор на новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски, бараат средба со претседателот на Основниот суд Скопје, Владимир Панчевски.
„Сметаме дека прекршени се законите, Уставот, правната процедура при определувањето на притвор за Кежаровски, а во решението судијката дала смешни образложенија. Сакаме да го информираме Панчевски дека новинарот Кежаровски доколку се брани од слобода за случајот за кој е осомничен дека ќе биде достапен на правдата и дека нема потреба за негово притворање бидејќи случајот е стар пет години, ниту може да влијае на сведоците ниту, пак, може да влијае на јавноста“, изјави главниот и одговорен уредник на Нова Македонија, Зоран Димитровски.
Новинарите во петокот излегоа на протест и бараат слобода за нивниот колега. Кежаровски беше приведен минатата недела за откривање на идентитет на заштитениот сведок во случајот Ореше. За овој случај двајцата браќа кои беа обвинети дека го убиле старецот од Ореше се ослободени. Заштитениот сведок, пак, пред извесно време го откри идентитетот и рече дека бил присилен од инспектори во полицијата да биде заштитен сведок./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре бесплатни уролошки прегледи во болницата „13 Ноември“
По повод Месецот на машкото здравје, ЈЗУ Специјална болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје, организира настан кој ќе се одржи утре, 29 ноември, со почеток во 10:00 часот.
Во рамки на настанот, за сите мажи ќе бидат обезбедени бесплатни уролошки прегледи, како и ехо прегледи на бубрези и простата, со цел подигнување на свесноста за значењето на навремената грижа за машкото здравје.
„Во рамки на настанот, ќе обезбедиме бесплатни прегледи за сите заинтересирани мажи. Прегледите ќе ги извршуваат: Уролошки прегледи ќе врши Д-р Дарко Марковски, уролог од ГОБ „8-ми Септември“, Ехо на бубрези и простата ќе вршат Д-р Марика Филипова, специјалист интернист и Д-р Марија Сековска, специјалист интернист од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје. Ова е одлична можност за навремена проверка, превенција и грижа за здравјето.
Сите заинтересирани се добредојдени“, велат од болницата.
Македонија
Утре нов „Марш на ангелите“ во Кочани
За утре, 29 ноември, е најавен нов „Марш на ангелите“ во Кочани. Предвидено е маршот да започне со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани.
„Паралелно со судскиот процес, ги повикуваме сите граѓани кои веруваат во човечноста и правдата да ни се придружат на 29 ноември 2025 г., сабота со почеток од 14:05 од Паркот на револуцијата во Кочани. Да чекориме со љубов, со болка и достоинство, во име на оние што повеќе не можат да чекорат. Овој марш не е протест, туку мирен марш за правично судење, за да потсетиме дека зад секој “број” стои име, живот, семејство и болка. Нашата порака е едноставна, но длабока, за нашите деца, за вистинска правда за Македонија со совест. Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината“, соопштија од Здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани”.
Македонија
Муртезани-Розенкранц: Процесот на пристапување во ЕУ треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово беше домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија. Во рамките на состанокот во Министерството за европски прашања се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на делегациите, на кои се разговараше за европската интеграција на Северна Македонија, билатералната развојна соработка и поддршката на Шведска во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилитетот на политиката на проширување како еден од клучните инструменти за стабилност и просперитет на континентот. Тој нагласи дека Северна Македонија останува посветена на реформите и на спроведувањето на Копенхашките критериуми како основен патоказ за членство во Унијата. Во тој контекст беше потенцирано дека процесот на пристапување треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања кои не произлегуваат од европското право и принципи. Муртезани додаде дека обновената динамика на проширувањето е можност да се врати довербата во европската идеја и дека Северна Македонија е подготвена да биде дел од новиот бран интеграција кој ќе ја направи Европа посилна и пообединета.
На средбата се разговараше и за имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда, како главни механизми за поддршка на економската интеграција и структурните реформи. Муртезани истакна дека Северна Македонија досега успешно реализираше значаен дел од обврските предвидени во првата фаза на Агендата, особено во областа на владеењето на правото, дигитализацијата и деловното опкружување. Двајцата министри се согласија дека Планот за раст претставува нова можност за економска конвергенција со единствениот пазар на ЕУ и дополнителен поттик за регионот да напредува кон одржлив раст и конкурентност.
Во рамки на разговорите беше посебно нагласено значењето на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Шведска, која се одвива континуирано преку проектите на Шведската агенција за меѓународна развојна помош СИДА, во согласност со Стратегијата за реформска соработка со Западен Балкан и Турција 2021-2027. Преку оваа програма Шведска поддржува проекти во областите на човековите права, демократијата, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и инклузивниот економски развој. Меѓу најзначајните иницијативи се соработката на државните статистички служби, зајакнувањето на капацитетите на јавната администрација, поддршката на жените во руралните средини, проектите за квалитетен воздух и одржлива енергија, како и помошта за унапредување на транспарентноста и отчетноста во институциите.
Муртезани и Розенкранц оценија дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шведска се одликуваат со стабилност, заемно почитување и континуирано јакнење на соработката во сите области. Муртезани изрази благодарност за досегашната поддршка и уверување дека оваа посета ќе придонесе за продлабочување на заедничките иницијативи, особено во сферата на зелената и дигиталната транзиција, иновациите и економскиот развој. Во услови на глобални предизвици, соговорниците се согласија дека обединета и стабилна Европа може да се гради само преку партнерства засновани на доверба, солидарност и заеднички вредности.

