Македонија
Бошкоски: Останав жив за да можат режимите да се изживуваат врз мене
Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски кој е обвинет за помагање во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година, во завршниот збор пред судот побара ослободителна пресуда, судскиот процес за овој случај го нарече апсурден и рече дека тој и поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко се единствени политички затвореници во Европа.
„Нема режим од југословенскиот наваму што не ме затворил. Останав жив, за да можат различни режими да се изживуваат со мене и со мојата визија за поинаква Македонија. Би сакал да ја искористам оваа можност да им простам на своите прогонители, како и на прогонителите, на прогонителите“, рече Бошкоски, јавува Академик.
Според него, заштитениот сведок во овој случај е фантом, сведок еден како ниеден, а со неговиот исказ обвинителството си противречи само на себе. Не знаел ниту каде живее Бошкоски, ниту ги знаел времето и местото каде што се случило убиството.
„Правната држава е во колапс и судството одлучува по наредби на власт што жигосува цели семејства“, рече Бошкоски.
Веднаш по убиството пристапил кон расветлување на случајот и го мобилизирал цело МВР.
Бошкоски се товари дека како министер за внатрешни работи во тоа време му дозволил на сега веќе починатиот Орце Коруновски да нарача убиство за Тушевски. Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година кога излегувале од кафулето „ЗУ“ во скопската населба Капиштец.
Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега. За овој случај одговараат 15 лица, а четворица од нив, кои се обвинети дека се извршители, се во бегство. /крај/академик/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

