Македонија
Груевски му пишал на Самарас: Да седнеме на маса уште оваа седмица
Минатата недела премиерот на Република Македонија Никола Груевски упатил писмо до премиерот на Република Грција, Андонис Самарас, во кое му предлага начини за надминување на застојот во разговорите за разликите за името на нашата држава, објавува електронското издание на дневниот весник „Дневник“.
Да се видиме уште оваа седмица, нагласил Груевски во писмото.
„Дневник“ повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека станува збор за писмо со чија содржина се предлага нешто што е многу посуштинско од средбите меѓу премиерите на двете држави што се случувале во минатото.
Груевски во писмото до Самарас пишува дека во секој случај, веројатно, двете земји би имале придобивка од решение, што во овој момент не е можно бидејќи разговорите не напредуваат така како што би требало и така како што се очекува.
Поради тоа тој му предлага на Самарас создавање тимови на чело со премиерите на двете држави, кои директно би разговарале за решавање на спорот и бара поддршка од Самарас за почетокот на пристапните преговори на РМ со ЕУ, пишува Дневник.
Според македонскиот премиер, тоа не само што ќе придонесе за посветла иднина за двете земји и за регионот туку и ќе ја подобри климата за успешно затворање на проблемот за името.
Груевски потенцира дека разговорите би се одвивале во рамките на мандатот на амбасадорот Нимиц за изнаоѓање решение и дека Република Македонија искрено посакува Грција и денес да биде истакнат партнер и поддржувач на нашата држава во отпочнување на пристапните преговори со Унијата. /крај/дневник
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.
Македонија
Едно лице задржано по трагедијата во Карпош: распити на повеќе лица, детален претрес на станот, екстракција на податоци од телефони, се обезбедуваат снимки
Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога при пад од висококатница починаа мајка и дете.
Едно лице е задржано во полициска станица и по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.
Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации.
Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.
Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави.

