Македонија
Началникот на ГШ на АРМ се сретна со командантот на Националната Гарда на Вермонт
Во рамките на повеќедневната посета на САД и Вермонт, НГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, во понеделник се сретна со својот домаќин Командантот на Националната Гарда на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј и имаше заеднички разговори со штабот на Националната Гарда.
За време на средбата Котески и генералот Креј го искажаа заедничкото задоволство од досегашната соработка, особено во делот на обуката и реализираните вежби, како и од заедничкото распоредување во мисијата ИСАФ во Авганистан.
Генералите ја искажаа потребата од проширување на соработката и на регионално ниво, истакнувајќи ја можноста од реализација на заеднички вежбовни активности на армискиот полигон Криволак помеѓу армиите на земјите на САД – Јадранската повелба и нивните партнери националните гарди на сојузните држави на САД.
Во делот на операциите, посебен акцент беше даден на учеството и статусот на мисијата ИСАФ во Авганистан, каде се отвора нова можност за заедничка соработка и учество со тимови за асистенција и обука во пост ИСАФ мисијата „Решителна поддршка во Авганистан“.
На состанокот, Генералот Креј ја истакна подготвеноста капацитетите за обука и едукација на националната гарда на Вермонт да бидат на располагање и за припадниците на Армијата на Република Македонија.
Посетата на Вермонт продолжува во текот на денешниот ден во Монтпелиер каде генерал-мајор Котески ќе оствари средби со заменик гувернерот Фил Скот, членовите на Комитетот за безбедност на парламентарниот дом на Вермонт, а ќе го посети и Центарот за менаџмент со кризи. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

